Одговорноста за нападот во Истанбул ја презема ИСИС


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (IS) ја презема денес одговорноста за нападот во ноќниот клуб во Истанбул на новогодишната ноќ во кој беа убиени 39 луѓе.

„Во продолжението на операциите коишто Исламската држава го спроведува против Турција, херојски војник на калифатот го нападна еден од најпознатите ноќни клубови во кој христијаните го слават нивниот богохулен празник“, се наведува во соопштението на Исламската држава кое го цитира Reuters.

Засега уште непознат напаѓач отвори оган во ноќниот клуб „Reina“ ноќта кон неделата, и во хаосот кој настана успеа да побегне и по него интензивно се трага.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу потврди дек уште трае потрагата по напаѓачот. „Полицијата покрена операции. Се надеваме дека напаѓачот наскоро ќе биде фатен“, рече.

Турските власти оценуваат дека напаѓачот може да се наоѓа во централна Азија, и оти најверојатно потекнува од Киргистан или Узбекистан, пишува дневниот весник Hurriyet.

Иследниците оценуваат оти е можно тој да бил поврзан со ќелијата којашто го изврши тројниот самоубиствен напад на аеродромот во Истанбул во јуни 2016-та кога беа убиени 47 луѓе.

Повеќе од половината од убиените во нападот кој траел седум минути биле странци. Меѓу нив се државјани на Германија, Франција, Тунис, Русија, Израел, Индија, Либан, Белгија, Либија, Мароко, Јордан и Саудиска Арабија. Канадскиот премиер Џастин Трудо во понеделникот потврди дека и еден државјанин на Канада загинал во нападот.

Според агенцијата Anadolu, идентификувани се 38 од 39-те жртви, а 11 од нив се државјани на Турција и седум од Саудиска Арабија. Во нападот, исто така, загинале по тројца државјани на Либан и на Ирак, по двајца од Тунис, Индија, Мароко и Јордан, и по еден од Кувајт, Канада, Израел, Сирија и Русија.

Клубот „Reina“ кој се наоѓа на брегот на Босфор, е едно од најпосетените места за ноќна забава во Истанбул, многу популарен меѓу странските туристи.

Според последните информации, најмалку 69 лица се хоспитализирани по нападот, од кои три се во критична состојба.