Актуелно

Од Левица задоволни од локалните избори – порачуваат дека се длабоко навлезени во општинските совети

Левица е задоволна од резултатите што ги постигна сама како партија со своите кандидати на локалните избори и веќе е евидентно дека Заев е веќе на буништето на историјата, изјави лидерот на Левица Димитар Апасиев на полноќната прес-конференција.

Тој нагласи дека кандидатите на Левица за градоначалници речиси секаде се на трето место и не одат во вториот круг, но затоа партијата влегува во Советот на Град Скопје и со речиси 60 советници на ниво на држава. Опција е ново парламентарно мнозинство, нагласи Апасиев.

„Левица во Советот на Град Скопје влегува со најмалку пет советници, а во целата држава ќе има 50 до 60 советници. Притоа, нагласувам дека Левица учествуваше со свои листи во 38 општини, а не во сите општини”, нагласи Апасиев.

На новинарско прашање дали Левица ќе поддржува кандидати за градоначалници на други партии во вториот круг имајќи предвид дека нема да има свои кандидати, Апасиев рече дека не верува во коалицирање во вториот круг, но додаде дека одлуките ќе ги носи Президиумот на партијата.

„Како и да, евидентно е проопозициското расположение на граѓаните и работите водат кон предвремени парламентарни избори. Но, и да нема наскоро избори за Собранието, постои и опција од ново парламентарно мнозинство, а тоа значи пад на власта на Заев’, рече Апасиев.

To Top