Од денеска во Македонија почнува мисијата на ФРОНТЕКС


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Над 100 европски гранични полициски службеници во заедничка теренска работа со нашата гранична полиција ќе ги надгледуваат границите со цел зајакнување на борбата против нелегалната миграција.

Со ова започнува заедничката операција со ФРОНТЕКС откако земјава го потпиша договорот. Извршниот директор на ФРОНТЕКС – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража порача дека во Македонија гледаат посветен партнер во мисијата со која треба да се зајакнат границите.

-Не е само мисијата да се заштитат границите, туку да се заштитат животите и да се држиме до вредностите како заедница. Оваа важна операција ја нагласува соработката помеѓу ЕУ и Македонија. Целта на соработката е контрола на миграциските движења, борба против граничниот криминал вклучително криумчарење со мигранти, трговија со луѓе и борба против тероризмот и унапредување на европската соработка на границите со Грција, Србија и Албанија, изјави – Ханс Лајтенс – Извршен директор на ФРОНТЕКС .

Операцијата со ФРОНТЕКС е предвидено да трае до јануари следната година, а според проценките ако има потреба и ќе се продолжи. Мнистерот за внатрешни Оливер Спасовски оцени дека периодов нема некое нагло зголемување на мигрантски движења.

-Немаме некое интензивно зголемување од јануари, затоа што пред се зависи од временските услови. Секогаш овие пролетни месеци имаме зголемување на бројот на мигранти, меѓутоа ако ја земеме предвид минатата 2022 година која заврши со негде 30 проценти зголемување на обидите за илегален влез, далеку е од просекот кој што е во околните држави, и од Западен Балкан и ЕУ кадешто тој процент се движеше од 80 па до 100 проценти, изјави – Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи.

Се работи за прв договор помеѓу Македонија и ЕУ, потпишан на македонски јазик, што според премиерот Ковачевски, е доказ за заштита на јазикот и идентитетот. Евроамбасадорот Гир пак посочи дека ја приближува земјава кон Унијата.

-Останува на оние кои што критикуваа, кои што фрлаа молотови коктели врз Собранието, врз Владата, врз МНР во најмала рака на него и на министерот за надворешни работи да им се извинат. Со потпишувањето на Договорот со Фронтекс и неговата ратификација, статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици кои се зборуваат во ЕУ , а нашата култура, јазик и идентитет, се признати и препознаени и во меѓународни рамки, изјава – Димитар Ковачевски – Претседател на Влада.

-Ова претставува уште еден чекор напред во заедничките односи и приближување на Македонија и ЕУ по почетокот на процесот на преговорите за членство минатиот јули. Од денес, прекуграничната соработка ќе стане посилна, изјава – Дејвид Гир – Шеф на ЕУ делегација во РМ.

Договорот со ФРОНТЕКС беше потпишан во октомври лани, а Собранието го ратификуваше во февруари годинава.