Обвинителката Фатиме Фетаи порачува: „Борбата за правда продолжува!“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бившата специјална, сега (само) јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, која беше дел од обвинителскиот тим на СЈО, во изјава за медиумите пред Кривичен суд денес утрово кратко порача: „Борбата за правда продолжува“. Ова таа го изјави пред почетокот на ново рочиште за предметот Монструм, што го водеше СЈО.

Фетаи, заедно со нејзиниот колега од СЈО, а сега од ОЈО, Гаврил Бубевски, беа овластени од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и натаму да го застапуваат овој предмет.

Судијата Огнен Ставрев минатото рочиште го одложи поради состојбата со Специјалното јавно обвинителство, за која рече дека се надева оти за неколку дена ќе биде јасна и дека на следното ќе се слушаат разговорите од „бомбите“.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.