Нови тензии и хаос на северот на Косово: Вучиќ нареди подигнување на борбената готовност на армијата на највисоко ниво (снимки)


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Српските медиуми пренесуваат дека денеска на во северните делови на Косово избувнаа нови тензии.

Во Звечан дошло до судир меѓу насобраните граѓани и косовската полиција, а се слушнале и истрели. Било запалено полициско возило и биле фрлени шок-бомби, јавува РТС, пренесува Н1. Околу 11 часот се огласиле сирените за тревога во Лепосавиќ, Косовска Митровица и Зубин Поток.

„Српскиот претседател Александар Вучиќ нешто пред 14 часот издаде наредба до Армијата да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво и од тој момент Армијата започна со активности. Наредено е итно движење кон административната линија со Косово“, изјави министерот за одбрана Милош Вучевиќ за ТВ Пинк во живо од центарот на Белград.

Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде што владата во Приштина ги презеде зградите на локалните самоуправи, не се игра туку ја загрозуваат безбедноста на сите во регионот.

Како што нагласи Вучевиќ, армијата апсолутно ќе ја исполни наредбата на Вучиќ и ќе го брани суверенитетот на Србија и правото на живот на сите нејзини граѓани.

„Јасно е дека се врши терор врз српската заедница на Косово“, заклучи Вучевиќ.

Луѓето се собраа пред зградата на општина Звечан и, како што претходно јави репортерот на радио „Контакт плус“, со телата го блокираат влезот. РТС јавува дека се вклучени вработените во тие институции.

Наставата на факултетите и во училиштата во Косовска Митровица е прекината. РТС јавува и дека на патиштата во Лепосавиќ се поставени барикади, како и дека на тоа место се појавиле оклопни возила.

Извори на РТС во Зубин Поток рекле дека специјалните сили имале намера да „закачат сино-жолто знаме, што ја симболизира државноста на Косово“ на општинската зграда, во која е сместено и Привременото општинско тело на Владата на Србија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Zubin Potok INFO (@zubinpotokinfo)

Во Лепосавиќ, откако се огласиле сирените, на главниот плоштад пред општината се собрале голем број граѓани, кои по најавата за пристигнување на специјалци го блокирале сообраќајот на главната улица од двете страни на приодот кон општинска зграда со камиони.

Косовската полиција соопшти дека им помага на новоизбраните градоначалници да го остварат правото на работа во официјални општински згради, јавува РТС.

Во полициското соопштение се наведува дека полицијата согласно законските и уставните овластувања презема мерки за безбедност, ред и јавна безбедност.

Сирените, вели, прво се слушнале во Зубин Поток, а граѓаните, како што информира, добиле информација дека новоименуваниот градоначалник побарал интервенција на полицијата за да влезе во зградата на општината во Зубин Поток. Потоа се слушнале сирени во Лепосавиќ и Звечан, а и на тие места почнале да се собираат граѓани.

Додека граѓаните на северот на Косово најмногу стојат пред општинските згради, недалеку од нив има и припадници на ЕУЛЕКС, КФОР и на косовската полиција.

Новите претседатели на општините Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ вчера положија заклетва и ја презедоа својата должност како први претседатели од албанска националност од формирањето на структурите на локалната власт во овие области под покровителство на владата во Приштина.

Локалните избори во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се одржаа на 23 април. Србите, кои се мнозинство, ги бојкотираа, па од над 45 000 граѓани со право на глас, излегоа само 1 567 гласачи или 3,47 отсто. Официјален Белград не ги признава резултатите од одржаните избори, за кои вели дека се антидемократски и нелегитимни.