„Ни треба нов Чаплин за да сведочи дека филмот не молчи пред војната“ – обраќање на Зеленски на отворањето на Канскиот фестивал


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Седумдесет и петтото издание на престижниот Кански филмски фестивал (од 17 до 28 мај), во вторникот вечерта, започна како што никој не очекуваше – со видеопорака на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој и самиот е актер.

Тој од Киев порача: „Ни треба нов Чаплин за да сведочи дека филмот не молчи“ пред војната, асоцирајќи на филмот на Чаплин – „Диктаторот“. Овие негови зборови беа упатени пред светската филмска елита собрана на отворањето на фестивалот, пишува Вечер.

Тој, исто така, додаде: „Во Украина, секој ден умираат стотици луѓе. Тие нема да станат по последниот аплауз. Дали филмот ќе молчи или ќе зборува за тоа? Ако имаме диктатор, ако повторно имаме војна за слобода, сé ќе зависи од нашето единство. Дали филмот може да биде надвор од тоа единство?“, праша Зеленски.

Токму во контекст на споменатата војна во Украина, организаторите на Канскиот фестивал првично ги одбија акредитациите за сите филмски уметници и новинари кои доаѓаат од Русија, за потоа, сепак, да им ги дадат на дел од нив.

Ова, сепак, не е и единствениот куриозитет од отворањето на годинашниов Кански фестивал. Имено, филмот со кој беше отворена оваа голема филмска церемонија, го смени своето име непосредно пред прикажувањето, токму поради војната во Украина!

Фестивалот беше отворен со проекција на зомби- комедијата „Final Cut“ во режија на Мишел Хазанавичиус и со Беренис Бежо, сопругата на режисерот во главната улога. Во моментот кога беше објавено дека овој „римејк“ на јапонскиот филм од 2017 ќе го отвори фестивалот, почнаа бурни реакции токму поради оригиналниот наслов „Z“. Со образложение дека „Z“ е симбол на руската агресија против Украина, украинскиот Филмски фонд побара од фестивалот и од режисерот да го сменат името на филмот, па така „Z“ стана „Final Cut“.

Публиката во Кан ќе може да го погледне и филмот на Том Круз „Top Gun: Maverick“, а актерот пристигна во Кан за оваа пригода, за прв пат по 30 години.

Инаку, на отворањето на познатиот фестивал пристигнаа бројни ѕвезди, кои ги вратија гламурот и возбудата.

Годинава, почесната Златна палма за животно дело ќе ја прими Форест Витакер, чија продуцентска куќа ќе го прикаже „За доброто на мирот“, документарен филм за војната во Јужен Судан.

Претседател на жирито составено од актери и од режисери, кое годинава ќе одлучува за победниците, е Винсент Линдон, а меѓу членовите се: Ребека Хол, Номи Рапејс, Дипика Падукон, Џеф Николс и Асгар Фархади.