Ни решавањето на црковното прашање не може да помине со лесно – Вартоломеј сега има проблем со „македонски“ и „Македонија“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Одлуката на Соборот на СПЦ за благословување на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и изјавата на вселенскиот патријарх Вартоломеј го оставија отворено прашањето за постоењето и именувањето на епархиите на МПЦ-ОА надвор од границите на Македонија. СПЦ нема никаков проблем со именувањето на македонската црква и нејзините епархии како МПЦ-ОА. Но, според патријархот на Веселснката патријаршија која треба да го издаде Томосот за автокефалноста на МПЦ-ОА има проблем со зборовите „македонски“ и „Македонија“.

„Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот ‘македонска црква‘ и каков било изведен збор од зборот ‘Македонија‘. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква“, изјави Вартоломеј во интервјуто за грчката ТВ ЕРТ, додавајќи дека Српската црква постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската Патријархија.

По оваа изјава останува отворено прашањето за тоа во чија јурисдикција ќе се најдат четирите епархии на МПЦ-ОА во странство – Европската, Американско-канадската, Австралиско-сиднејската и Австралиско-новозеландската епархија. Што всушност доби македонската дијаспора со позитивните вести во однос на конечното добивање на автокефалноста на МПЦ?

Вселенската патријаршија на 9 мај соопшти дека како име на македонската црква го признава „Охридска“ и дека нејзината надлежност се простира само во „границите на државата Северна Македонија“.

За овие дилеми јавноста засега нема никакво објаснување од македонските владици. На 12 јуни најавено е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј и македонскиот архиепископ г.г. Стефан во Истанбул ќе одржат заедничка литургија по што би требало да следи и објавувањето на Томосот за автокефалноста на Охридската архиепископија.

Што сѐ ќе пишува во тој документ, кои ќе бидат правата и обврските на новата автокефална црква во однос на Вселенската патријаршија и кои ќе бидат правата на македонската црква во однос на четирите епархии кои постојат и делуваат надвор од македонските државни граници… за одговорите на сите овие прашања ќе треба да се почека.

Она што е тренд на цариградската црква во последниве децении е да ја презема контролата на епархиите на православните цркви надвор од нивните матични државни граници.

Први на можниот ваков развој на работите реагираа Македонците од Австралија. Тие велат дека нема да прифатат каква било управа од Вселенската патријаршија.

Генералниот раководител на Македонската православна заедница во Австралија-Сиднеј, Игор Александров, преку неговиот Фејсбук профил порача дека „нема никогаш да прифатиме јурисдикција на хиерархија што го оспорува автохтониот етнички идентитет на Македонците како еден народ од сите делови на поделена и окупирана Македонија. А штом нашите владици се откажале од историската МПЦ, прогласена за автокефална во 1967, ќе бидеме отворени на нејзино возобновување во моментот кога ќе се појават тројца владици кои би направиле нов синод, макар и задгранично“.

Сите велат дека треба да се почека на 12 јуни и на тоа што ќе пишува во евентуалниот документ, Томосот, за автокефалноста на македонската црква.