Неколку десетици илјади Чеси на протести во Прага – бараат оставка од Владата (снимка)


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Неколку десетици илјади Чеси се собраа на масовни протести во центарот на Прага барајќи оставка на владата, прекин на испораката на оружје за Украина, напуштање на политиката за животна средина на Европската Унија, а некои бараа и излез од НАТО.

Демонстрантите, кои се собраа на Вацлавскиот плоштад на покана на новата вонпарламентарна партија Закон, почитување и експертиза (УЈП), ја обвинија владата на Петр Фијала дека не презема ништо за да ја спречи сиромаштијата во државата.

„Оставка“, „Надвор од НАТО“, „Не за војната“, „Лажлива влада и медиуми“, „Владата на Фијала ни ги краде парите и правата“, се дел од транспарентите што ги донесоа демонстрантите, заедно со многу чешки национални знамиња.

Водачот на УЈП, поранешениот фудбалски функционер Јиндрих Рајхл, изјави дека се собрале „да застанат покрај својата земја Чешка“.

„Сакаме преку ненасилен граѓански протест да ја собориме коалициската влада на пет партии предводена од Фијала. Демонстрациите изразуваат протест не само против економската сиромаштија, туку и против моралната сиромаштија. Не сте способни да владеете, подигнете ги последните остатоци од честа и поднесете ја вашата оставка“, рече Рајхл.

Иако Рајхл апелираше до демонстрантите да не дозволат да бидат провоцирани и да протестираат мирно, еден од демонстрантите фрли лименка на Чесите кои во знак на солидарност со Украина ги држат знамињата на Украина и на Европската Унија пред Националниот музеј, полицијата го приведе демонстрантот.

Претходниот протест заврши со обид на демонстрантите насилно да упаднат во зградата на Националниот музеј, со цел да се отстрани украинското знаме и со интервенција на полицијата.

Партијата УЈП, која според нејзиниот водач има само 257 членови, но има и големи амбиции за следните избори, ги отфрла тврдењата дека е антисистемска и проруска партија и го осудува нападот на Русија врз Украина.

На прес-конференцијата пред денешниот протест, Рајхл рече дека „меѓународната заедница има двоен стандард кога го оценува однесувањето на Русија и САД“.

„Чешка треба јасно да стави до знаење дека сака мир во Украина за кој би се договориле во мировните преговори“, изјави Рајхл.

Радикалниот чешки националистички пратеник Јарослав Фолдина, кој со години беше еден од најактивните учесници во демонстрациите против независноста на Косово, ја обвини владата на Фијала дека ја вовлекува Чешка во војна со Русија.

„Тие нѐ вовлекуваат во војна. Нема да им дадеме ниту еден син на Чешка“, рече Фолдина на протестот и додаде дека демонстрантите може да потпишат и петиција за излегување на Чешка од НАТО.

Говорниците на протестот се заканија дека ќе ги блокираат зградите на владата и министерствата и ќе организираат штрајкови доколку кабинетот на Фијала не ги исполни барањата на демонстрантите, кои, заедно со прекинот на испораките на оружје за Украина и повлекувањето на Чешка од зелената политика на ЕУ, вклучува и повлекување од системот на дозволи за емисии на загадувачки гасови и национализација на полудржавниот гигант за електрична енергија ЧЕЗ.

Демонстрантите маршираа од Вацлавскиот плоштад низ центарот на градот кон зградата на владата, за таму да направат жив синџир, носејќи голем транспарент на чело на поворката „Чешка против сиромаштијата“.