НБРМ размислува за воведување на дигитален денар

Народната банка ги отпочна активностите за можноста на воведување дигитален денар откако во светски рамки централните банки забрзано работат на истражување за воведување сопствени дигитални валути.

Тие ќе му се посветат на развојот на целокупниот екосистем потребен за поддршка на националните дигитални валути, пренесува ПлусИнфо.

– Анкетите и истражувањата покажуваат дека сѐ поголем број централни банки го истражуваат прашањето за дигиталните валути. Бројот на земји коишто се во напредна фаза на истражување (развој, пилот-проект или воведување) изнесува 50, при што 10 земји веќе ја имаат воведено дигиталната валута. ЕЦБ веќе сигнализира дека цели кон издавање дигитално евро кон средината на оваа декада, како комплементарна форма на готовината, но не како нејзина целосна замена – напиша вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска во колумна за најновиот месечен билтен на Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Како што информира Народната банка, мотив за забрзување на активностите на полето на дигиталните валути е ширењето на криптосредствата. Ризиците поврзани со овие средства се исклучително високи, зад нив не стои познат издавач што ќе ја гарантира нивната вредност, така што загубите од инвестициите во нив може да бидат огромни. Дури и криптосредствата коишто се врзани за некоја стабилна вредност не можат во секое време да ја гарантираат вредноста, ниту, пак, имаат пристап до централните банки или шемите за осигурување депозити.

Зголемувањето на ефикасноста на прекуграничните плаќања, како што се наведува во соопштението, е уште еден многу важен мотив за проактивност во дигитализацијата на централните банки. Дигиталните валути може да играат голема улога во зголемувањето на брзината, транспарентноста и достапноста на прекуграничните плаќања.

– Има неколку клучни причини во генезата на официјалните дигитални валути. Прво, промоција на финансиската инклузија, преку обезбедување едноставен и сигурен пристап до пари на оној дел од популацијата којшто нема целосен пристап до банкарски услуги. Второ, овие валути ќе овозможат поголема конкуренција и отпорност на домашните системи на плаќања. Трето, дигиталните валути на централните банки, преку системи на интероперабилност, може да ги олеснат и да ги поддржат прекуграничните плаќања – посочува Митреска.