На владина седница изгласан ребалансот на буџетот за 2020 година


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На вчера одржаната владина седница беше изгласан ребалансот на буџетот за 2020 година и притоа беа донесени уредбите кои се однесуваат на потрошувачките кредити на граѓаните, како и на акцизите.

Пренамената на средства е донесена со Уредба со законска сила за изменување и дополнување на буџетот. Засега не се соопштуваат детали за донесениот ребаланс. Од Владата известија дека во текот на денот, на прес-конференција, ќе понудат детално образложение за проекциите во приходната и расходната страна на буџетот, пренесува 360 Степени.

Целта на ребалансот е да се обезбедат дополнителни средства за справување со здравствената и економска криза предизвикана од коронавирусот.

Владата вчера ја усвоила и одлуката за максимален износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзници. Предложениот максимален износ на новото задолжување, преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница во износ до 800 милиони евра, како што велат од Владата, ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Северна Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг.

„Имајќи ги предвид сите предизвици кои произлегоа по прогласената пандемија на светско ниво од страна на СЗО, мерките за заштита и рестрикција на движење кои ги преземаат државите, а особено нејзиното влијание на пазарите на капитал, Министерството за финансии предложи, а Владата прифати, финансирање со издавање на еврообврзници, кои ќе ја поддржат ликвидноста на државата во време на пандемија, намалената економска активност, преземените мерки за заштита на економијата и работните места на граѓаните, како и зголемените трошоци во секторот здравство“,

се наведува во соопштението од вчерашната владина седница.
Владата донела измени на Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците. Со Уредбата се предвидува продолжување на рокот во кој банките и штедилниците можат да ги променат договорните услови на кредитните изложености на должниците – правни и физички лица и тоа за 90 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Исто така, беше донесена и Уредба со законска сила за изменување на Уредбата за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, со која се овозможува и во наредните 90 дена висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, да не надминува 30 проценти од износот на одобрениот кредит.

На оваа седница е донесена измена на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со која се продолжува рокот за исполнување на обврската за поднесување гаранција за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување.

Приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за повластен корисник, треба да поднесат гаранција заклучно со 31 декември 2020 година, како дополнителна олеснителна мерка во услови на ширење на коронавирусот.