На самитот на Г20 во ноември Бајден не планира билатерална средба со Путин – Русинот размислува дали воопшто да присуствува


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Официјалните извори од Белата куќа потенцираа дека американскиот претседател Џо Бајден воопшто не планира билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г20 во ноември на индонезискиот остров Бали, а неговиот руски колега кажа дека сè уште размислува дали да присуствува.

Американскиот претседател „воопшто не намерава да се сретне со Владимир Путин“, кажа денес неговиот советник за национална безбедност Џон Кирби.

Во говорот одржан денес на политичкиот форум Валдај Путин кажа дека не знае дали лично ќе учествува на собирот на 20 водечки светски економии. „Можеби ќе отпатувам. Сè уште размислувам за тоа“, кажа Путин.

Домаќинот на самитот, индонезискиот претседател Џоко Видодо, кој очекува Путин да присуствува на Бали, најави мировна иницијатива за Украина и очекува сите учесници на самитот „да се вклучат во конструктивен дијалог“.

Претседателот на САД Бајден претходно кажа дека не планира ни средба со саудискиот принц Мохамед Бин Салман на Бали. Добрите односи на Вашингтон и Ријад се влошија откако групата земји извознички на нафта ОПЕК+, во која Саудиска Арабија е еден од клучните играчи, најави намалување на производството на нафта.

Падот на производството може да ги зголеми цените на пазарот, што е неповолно за американската Демократска партија и за самиот Бајден, пред неизвесните избори на средината на претседателскиот мандат во ноември и можната победа на републиканците.

Бајден на средината на октомври кажа дека Саудиска Арабија ќе сноси последици поради здружувањето со Русија во ОПЕК+ и поддршката за намалување на производството на нафта. Минатата недела Бајден најави дека до крајот на годината планира на пазарот да го пушти преостанатото најавено количество барели од стратегиските резерви, во обид да ги смири високите цени на горивата.