“`html
Како успеала легендарната италијанска дива да ја сочува виталноста, енергијата и завидната форма и во нејзината десета деценија од животот.
И додека социјалните медиуми се преплавени со трендови кои ветуваат совршено тело за 30 дена, една од најубавите жени на сите времиња со децении следи многу поедноставна формула. Тајната на Софија Лорен не е скриена во комплицирани диети, скапи апарати или исцрпувачки тренинзи.
Напротив. Легендарната италијанска актерка, која неодамна го прослави 91. роденден, со години повторува дека тестенините, дисциплината и секојдневното движење се сосема доволни сојузници.
И додека нејзината позната изјава дека „сè му должи на шпагетите“ стана дел од поп културата, зад нејзиниот младешки изглед се крие уште една навика која никогаш не ја запоставувала – редовното вежбање.
ДЕН ПОЧНУВА ПРЕД ИЗГРЕЈСОНЦЕ
Софија Лорен е позната по тоа што денот го започнува многу рано. Нејзината утринска рутина вклучува вежби за јачина и подвижност кои ги практикува речиси секојдневно. За неа, физичката активност никогаш не била само прашање на изглед. Вежбањето го смета за начин да се зачува енергијата, менталната јасност и внатрешната рамнотежа.
Покрај тоа, секојдневните прошетки претставуваат задолжителна ставка во нејзиниот распоред. Без оглед на годините, движењето останува приоритет.
ВЕЖБАЊЕ КОЕ ПОВТОРНО ГО ОСВОИ ИНТЕРНЕТОТ
Видот на тренингот на кој Софија Лорен му е верна со децении денес доживува големо враќање благодарение на ТикТок и Инстаграм.
Станува збор за калистеника – тренинг кој исклучиво ја користи тежината на сопственото тело. Можеби веќе сте виделе снимки од луѓе кои изведуваат импресивни згибови, стоеви на раце или речиси акробатски движења кои изгледаат како да ја пркосат гравитацијата. Меѓутоа, суштината на калистениката не е во спектакуларните трикови. Нејзината вистинска вредност се крие во развојот на јачината, рамнотежата, координацијата и подвижноста.
ЗОШТО Е КАЛИСТЕНИКАТА ТОЛКУ ПОПУЛАРНА?
За разлика од многу фитнес трендови кои доаѓаат и заминуваат побрзо од летна романса, калистениката се потпира на природни движења кои секојдневно ги користиме.
- Чучњот помага при станување од столче.
- Склековите ги зајакнуваат рацете и горниот дел од телото.
- Вежби за торзо ја подобруваат стабилноста и држењето.
- Искораците ја развиваат рамнотежата и јачината на нозете.
Со други зборови, целта не е само телото убаво да изгледа на фотографии, туку да функционира подобро во секојдневниот живот. Зашто, да бидеме искрени – многу е поважно лесно да се искачите по скали отколку да имате совршен селфи во теретана.
НАЈГОЛЕМАТА ПРЕДНОСТ? НЕ ЧИНИ НИШТО
Во време кога често се создава впечаток дека за здравје е потребно скапо членство во теретана, приватен тренер и половина плата потрошена на опрема, калистениката нуди сосема поинаков пристап.
- Нема справи.
- Нема комплицирани машини.
- Нема изговори.
- Потребно е само малку простор, сопственото тело и доследност.
ПЕТ ОСНОВНИ ВЕЖБИ КОИ ПРЕПОРАЧУВААТ СТРУЧЊАЦИ
Ако сакате да го испробате овај тип тренинг, меѓу најпопуларните вежби се:
- згибови (chin-ups)
- склекови (push-ups)
- чучњеви (squats)
- бурпии (burpees)
- искораци (lunges)
ЛЕКЦИЈА КОЈА СОФИЈА ЛОРЕН ЈА ИСПРАЌА ВЕЌЕ СО ДЕЦЕНИИ
Можеби затоа Софија Лорен и понатаму е симбол на елеганција, виталност и безвременска убавина. Нејзината филозофија не е заснована на екстреми, туку на едноставни навики кои се повторуваат од ден на ден.
Добра храна, секојдневно движење, малку дисциплина и многу доследност. Не е особено гламурозно. Не е ни вирусен тренд, но очигледно функционира веќе повеќе од девет децении.
“`