На 85-годишна возраст почина познатата македонска актерка Катерина Крстева


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 85 годишна возраст почина македонска театарска, филмска и телевизиска глумица Катерина Крстева, во јавноста попозната како Мара Попара.

Актерката во својата богата кариера беше позната по бројните улоги кои ги играше, а најмногу се издвојуваше во Хихирику, Македонски народни приказни, Поштар, Простодушна љубов, Погрешно време, Битолски лакрдии, Волшебното самарче и многу други.

Прекарот по кој ја препознаваа сите го добива од филмот „Во кафулето кај Гане“, каде што ја играше улогата на Мара Попара. Крстева долги години беше дел и од екипата на Хихируку, каде што во оваа радио-комедија играше со Владимир Ангеловски-Дади, Катерина Крстева, Ѓокица Лукаревски, Димче Мешковски, Благоја Чоревски, Гоце Тодоровски, Стојна Костовска, Ванчо Петрушевски, Емин Унѓел, Петре Прличко и Анче Џамбазова, во режија на Миле Гроздановски, а продуцент и сценарист беше Иван Карадак.

Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан” премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се оние во претставите: „Антица” (1965), „Градскиот саат” (1966), „Ревизор” (1966), „Стапица за осум беспомошни жени” (1966), „Време од вашиот живот” (1967), „Сенка” (1967), „Вител” (1968), „Мајка” (1968), „Без вина виновни” (1968), „Бања” (1968), „Печалбари” (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв” (1969), „Парите се отепувачка” (1970), „Живиот труп” (1971), „Херкул и оборите на Авгиј” (1971), „Коштана” (1971), „Зајдисонце” (1971), „Фома” (1972), „Животот на Галилеј” (1972), „Децата на сонцето” (1973), „Скуп” (1973), „Хелдерлин” (1973), „Ѕидот, водата” (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот” (1975), „Хеда Габлер” (1976), „Отепвачка” (1976), „Бесови” (1978), „Кенгурски скок” (1979), „Милион маченици” (1980), „Остен” (1981), „Молскавици” (1981), „Граѓанинот благородник” (1982), „Воена тајна” (1984), „Бог” (1984), „Слободни врски” (1984), „Иванов” (1984), „Аудиенција и под нов покрив” (1988), „Рекламна бајка” (1989) и последната „Крик” (1991).

На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику”, „Театарче лево коше”, „Трст виа Скопје”, „Македонски народни приказни”, „Поштар”, „Простодушна љубов”, „Погрешно време”, „Битолски лакрдии”, „Волшебното самарче”, „Шеќерна приказна”, „Учителот”, „Милион маченици”, „Едно лето”, „Случки од животот”, „Тврдокорни”, „Пред дождот”, „Во светот на бајките”, „Агенција осамени срца”, „Време за плачење”, „Мост” и други. Меѓу последите улоги и се оние во „Преспав” и „Дедо и внук”.

Погребот е денес во 13:00 часот на градските гробишта во Бутел. Информацијата во врска со комеморацијата за актерката Катерина Крстева ќе биде дополнително објавена.