
Дали сте некогаш ја набљудувале вашата мачка додека спие?
Можеби во тие моменти сте забележале дека пушта чудни звуци или трепери во сонот. Причината за овие појави е тоа што и нашите крзнени пријатели можат да сонуваат. Соништата на мачките обично се поврзани со нивните дневни авантури, потреби или спомени. Експертите веруваат дека мачките поминуваат низ неколку фази за време на сонот и, исто како нас, почнуваат да сонуваат во REM фазата.
Иако многумина мислат дека мачката што мирно спие не може да има кошмари, тоа за жал не е точно. Мачките, како и луѓето, понекогаш може да доживеат ноќни стравови кои резултираат од болни искуства или трауми од минатото. Покрај тоа, ваквите соништа може да бидат поврзани со физичка болка што мачката се обидува да ја скрие од вас. За жал, не можете да спречите вашата мачка да сонува лоши соништа, но има начини да ѝ помогнете кога ќе се разбуди во реалноста, каде што е безбедна и сакана.
Причини зошто мачките имаат лоши соништа
Ако слушнете како вашата мачка болно мјаука во сон или ги мрда шепите како да се брани, постои можност дека повторно преживува некое трауматично искуство од минатото. За среќа, се смета дека кошмарите им помагаат на анксиозните мачки полесно да се соочат со негативните чувства и да продолжат понатаму откако ќе се разбудат. Некои од најчестите причини за лоши соништа се:
Посттрауматско стресно нарушување – Ако сте вдомиле мачка од улица, голема е веројатноста дека таа во соништата повторно доживува лоши искуства од минатото.
Анксиозност при разделба – Како и кучињата, и мачките можат многу да се приврзат за своите сопственици. Смртта на претходен сопственик или некое друго одвојување може значително да влијае на квалитетот на нивните соништа.
Непријатни искуства – Мачките се многу чувствителни и може да бидат под влијание на казнување, неправилна исхрана, гласни звуци, падови од височина и многу други непријатни моменти.
Конфликти со други животни – Ако вашата мачка била физички нападната од друга мачка или куче, таа ќе ја носи таа траума во своите соништа.
Физичка болка или здравствен проблем – Често сопствениците тешко препознаваат дека нивната мачка е болна, бидејќи тие вешто ја кријат својата болка. Ако вашата мачка во сонот страда и се мрда болно, тоа може да биде знак дека нешто не е во ред.
Како да и помогнете на мачка што има ноќни мори?
Ако вашата мачка изгледа исплашено додека спие, никогаш не треба да се обидувате да ја разбудите нагло. Мачките кои имаат кошмари не можат лесно да ја разликуваат реалноста од сонот. Ако ги разбудите во момент на страв, тие можат да станат агресивни и да ве нападнат ненамерно.
Исто така, не би требало да се обидувате веднаш да ја галите мачката за да го прекинете нејзиниот лош сон. Можете да ја повикате со тивок, нежeн глас, за да ѝ дадете до знаење дека е дома и сигурна. Кога ќе се разбуди, продолжете да ѝ зборувате умирувачки, дозволете ѝ самата да ви се приближи и дури тогаш можете да ја земете во прегратка и да ја милувате ако тоа ѝ одговара.