ММФ ги предупредува светските влади дека вештачката интелигенција ќе загрози некои работни места – затоа е потребна регулација


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Вештачката интелигенција може да предизвика сериозни потреси на пазарот на трудот, предупреди првата заменичка на директорката на Меѓународниот монетарен фонд Гита Гопинат, апелирајќи до законодавците што е можно побрзо да ја регулираат употребата на новата технологија.

„Владите, институциите и законодавците мора да бидат брзи во регулацијата на сите подрачја, но и во подготовките за веројатно значителните нарушувања на пазарите на трудот“, кажа Гопинат во интервју за финансискиот весник Фајненшал тајмс.

На владите им порача да ги зајакнат социјално-заштитните мрежи за работниците чии места вештачката интелигенција ќе ги загрози и да водат смета за тоа со даночни мерки да не ги наградуваат компаниите кои работниците ги заменуваат со машини.

„Мора да се погрижат и компаниите да не изградат недостижна позиција во новата технологија“, истакна функционерката на ММФ. „Не сакате ултраголеми компании со големи количества податоци и компјутерска сила кои им даваат нечесна предност“, порача Гопинат во интервјуто за ФТ.