Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска престојува во посета на Македонија и тоа токму во момент кога се одбележува 27-годишнината од независноста. Ова е прва посета на германски канцелар на Македонија и нејзиниот престој во земјава е дел од поддршката, што меѓународната заедница ја дава за претстојниот референдум, закажан за 30 септември, кога граѓаните треба да се произнесат за Договорот од Преспа и интегрирањето во НАТО и ЕУ.
Меркел ја предводи германската владина делегација во официјална посета на земјава, која претпладнево ќе има свечен пречек на платото пред Владата на РМ. По заедничката средба премиерот Зоран Заев и германската канцеларка ќе имаат заедничка прес-конференција.
Совпаѓањето на посетата на Меркел со македонскиот државен празник 8 Септември само по себе зборува за симболиката, изјави претходно оваа недела владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Портпаролот на германската Влада Штефен Зајберт, пак, најави дека Меркел ќе дојде во Скопје за од прва рака да формира впечаток за претстојниот референдум.
Тој додаде дека во фокусот на средбата на двајцата премиери ќе бидат „регионалните случувања и билатерални теми“, и дека Меркел „секако сака самата на лице место да формира впечаток во пресрет на референдумот за прашањето за името на земјата, што ќе се одржи на крајот од месецот“.
Изминатава недела беше со интензивни дипломатски активности. Во пресрет на референдумот во посета на Македонија беа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Луксембур Жан Аселборн, австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон следната недела доаѓа во Македонија, а ќе ги посети и Грција, Србија и Косово.
Џонсон во Скопје, Атина, Белград и Приштина ќе има средби со високи владини претставници. Сенаторот Џонсон е еден од високо рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп задолжен за специјални мисии. Џонсон е претседавач на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка.
Џонсон во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регонот во ЕУ и НАТО.
Извор: Сител