Машинскиот сектор од Македонски железници продолжува со штрајк


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Машинскиот персонал во Македонски железници Транспорт најави дека прекинот на железничкиот сообраќај ќе продолжи до исполнување на поставеното барање за зголемување на коефицинетот на сложеност, за кое добиле најава за разговори и анализи во наредниот период.

Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал, рече дека на средбата со в.д. директорот на МЖ Транспорт, Игор Коруновски, им било понудено повторно враќање на надоместоците што ги добиваа вработените во железницата за прекувремена работа, како и за ноќна работа, работа во празник и за работа во недела, на износот од пред стапувањето во сила на антикризните владини мерки, а во наредниот период да се прават анализи за барањето за коефициентот на сложеност на работно место.

Не отстапуваме од протестот сè додека не се исполни барањето за покачување на коефициентот. Разликата во коефициентите и хиерархијата во МЖ Транспорт мора да постои затоа што репер во транспортот е машиновозачот, по кој се редат сите други работни места, изјави Чакаровски.

Министерот за транспорт, Горан Сугарески, како што соопшти ресорното Министерство, на средба со синдикатите и раководството во железницата изразил огромно разбирање за настанатите ситуации во компанијата и најавил дека во најкратко време ќе се разгледаат сите законски можности за нивно решавање, како и долгорочно решавање на состојбите во железничкиот сообраќај во Македонија,.

Поради протестот на машинскиот персонал денеска сообраќаат само возовите за Битола и за Гевгелија во 16:55 часот, како и меѓународните Белград преку Скопје за Солун, како и Солун преку Скопје за Белград. Како што најави Чакаровски, доколку во меѓувреме не се постигне договор со надлежните, од утре ќе се пропушта само експресниот воз Белград Скопје Солун.