Актуелно

Макрон: Одвојување на Македонија од Албанија ќе беше голема грешка

По завршување на самитот на лидери на членките земји на ЕУ во Брисел, францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да го образложи фанцуското вето за доделување на датум за почетокот на преговори за членство со Македонија и Албанија, доведувајќи ја во прашање потребата од проширување на ЕУ како концепт, пренесува Дојче Веле.

За Емануел Макрон проширувањето на ЕУ со Албанија и Македонија е како „правење поголема торта со помалку путер.“ На прес-конференција по завршувањето на самитот на ЕУ, на кој неговата земја стави вето за почеток на преговорите со Скопје и Тирана, францускиот претседател изнесе серија забелешки од кои се насетува дека официјален Париз всушност е априори против проширувањето на ЕУ со двете балкански земји. Дополнително, Макрон објасни дека одбил од процесот да се одвојат Македонија и Албанија затоа што тоа ќе имало катастрофални последици за целиот регион.

„Некои тврдат дека имало речиси целосна согласност за Северна Македонија и Албанија. Не е точно. Имаше големо мнозинство за Северна Македонија, но повеќето земји беа против Албанија“, рече Макрон.

„Отворањето преговори само со Северна Македонија ќе беше голема грешка за регионот. Тоа ќе имаше лошо политичко влијание. Ќе имаше социјални и политички протести, без преседан, не само во Албанија, туку и во сите земји со албанско јазично малцинство. Ќе имаше последици врз Косово, врз соседството…“, тврди францускиот претседател.

Макрон најави дека во следните месеци „ќе ги посети премиерите Еди Рама и Зоран Заев“, но остана нејасно што ќе им вети на тие средби со оглед на ставот дека простор за преговори нема.

Макрон повторно во неколку наврати ја доведуваше во прашање и визната либерализација со земјите од регионот, и го критикуваше напливот на „мигранти од Албанија“.

Според францускиот претседател со самото отворање на преговори со двете земји немало ништо да биде постигнато. Наместо тоа, тој нуди инвестиции во цивилизациски придобивки за регионот.

„Ќе им испратевме прашалник на 60 страници, но мислите дека тоа ќе им го подобри животот на нивните граѓани. Не е само да испратиме прашалник, ни требаат економски, културни, па и јазични инвестиции. Треба да им помогнеме директно наместо само да зборуваме за отворање на преговори“, рече Макрон.

Advertisements
To Top