Македонија слави 29 години независност-Пендаровски: Заеднички императив е во следните години да живееме многу подобро отколку досега


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Република Северна Македонија денеска го одбележува Денот на независноста, 8 Септември. Годинава се означуваат 29 години, откако на овој ден, во 1991 година, мнозинството македонски граѓани на референдум се изјаснија за суверена држава, надвор од рамките на поранешна Југославија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање по повод државниот празник, потсети дека се изминати речиси три децении откако мнозинството граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија.

„Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности. Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен. Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот“, рече тој.

Пендаровски изјави дека, оваа година беше тешка поради пандемијата на ковид-19. „Кризата ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми“, рече тој.

Потсети дека, со решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, државата стана полноправна членка на НАТО, а оваа година се очекува и формален почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Почнувајќи ја триесеттата година од нашата независност, очекувам, Вие граѓаните, да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност, затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку досега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме“, нагласи Пендаровски.