Актуелно

Македонија аплицираше за учество во проектот за нуклеарна централа „Белене“ во Бугарија

Информацијата потврдена од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев која ја пренесува МИА вели дека нашата земја, поточно компанијата ЕСМ, е меѓу оние кои пројавиле интерес за учество во проектот Белене, во чии рамки е предвидена изградба на нуклеарна централа во Бугарија.

Владата доставила писмо за намери за учество во проектот Белене преку ЕСМ, а Анѓушев изминатиот период нагласуваше дека најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку нуклеарната централа Белене во Бугарија и вклучување во нејзината изградба.

Бугарската министерка за енергетика Теменужка Петкова денеска на брифинг со новинари истакна дека 13 компании пројавиле интерес за учество во проектот.

-Меѓу оние кои пројавија интерес е и ЕСМ на Северна Македонија за добивање на малцински дел и долгорочно купување на енергија, нагласи Петкова.

Анѓушев по објавувањето на повикот во Служебниот весник на ЕУ, што се случи на почетокот на јуни кажа дека бугарската страна објавила повик, во кој практично бара партнери на тој проект.

-Ние како држава веројатно треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков објект, бидејќи со тек на време ние ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен, изјави тогаш Анѓушев.

Advertisements
To Top