Лидерската средба заврши без консензус за уставни измени


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По четири часа поминати во разговори во Собранието, лидерската средба која беше закажана на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски и владејачката СДСМ заврши без консензус за уставни измени со кои требаше да се вметнат Бугарите и други националности во Уставот, услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја свика оваа средба, вели дека поминала во позитивна атмосфера на дијалог, но без заеднички заклучоци, пренесува Слободна Европа.

„Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел. Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат. Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа“, рече, меѓудругото, Ковачевски.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски по средбата обвини дека власта нема слух за вистинските проблеми на граѓаните како што е инфлацијата, и дека сака да дефокусира со наметнување на темата уставни измени. Тој додаде дека после оваа средба која заврши без консензус е време за предвремени избори.

„Она што можам да го заклучам, а тука се и останатите претседатели на политичките партии кои се дел од нашата коалиција, е дека мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок, логичен след на настаните е парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори. Тоа беше и од наша страна побарано на денешниот состанок откако стана очигледно дека немаме мнозинство кое би гласало за евентуални уставни измени кои ги предлага владиното мнозинство. Констатиравме дека ова е задоцнета средба и дека консензус и консултации со парламентарни политички партии се прави пред да се носат одлуки“, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа и дека нема потреба да присуствува на евентуални наредни средби во иднина на кои би се разговарало за уставните измени. Тој додаде дека на средбата го поддржале предлогот на лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов да се бара од бугарската влада признавање на македонското малцинство во Бугарија, но и за тоа немало консензус.

Владиниот коалиционен партнер , лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека на лидерската средба се разговарало и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, но како што вели, приоритет биле уставните измени.

Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Рамковниот договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година, со што беше прифаено дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.