„Лекот“ за коронавирусот ги скара советниците на Трамп


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Американскиот претседател Доналд Трам уште упорно го промовира лекот за маларија како можен лек и за актуелниот коронавирус кој со својата епидемија драстично го промени животот во светот. Но, за разлика од неговите ставови, еден од неговите главни советници во борбата со пандемијата е против таквото брзање со заклучоци додека истражувањата не го докажат терапискиот ефект, пренесува Мкд.мк.

Поради ова несогласување во Белата куќа изби и жестока кавга, јавува американскиот портал Аксиос.

Од една страна беше д-р Ентони Фаучи, реномиран американски имунолог и шеф на работната група на Белата куќа за коронавирусот, кој инсистира на тоа дека засега нема вистински докази дека хлорохинот, односно хидроксихлорохинот, сам или во комбинација со антибиотикот сумамед го лекува ковид-19.

Од другата страна бил Питер Наваро, главниот советник на Трамп за трговија и доктор по економија по струка, кој го поддржува претседателот во неговото промовирање на лекот за маларија како потенцијален чудотворен лек за коронавирусот.

Наваро, според сведоштвата на повеќе неименувани извори кои биле на средбата во Белата куќа во саботата, дошол на состанокот со куп хартии кои, како што тврдел, докажуваат дека хидроксихлоринот има „јасна тераписка ефикасност“.

Фаучи уште еднаш го изразил своето несогласување, тврдејќи дека сѐ уште нема доволно податоци за да се тврди нешто такво. Но, неговото тврдење дека станува збор за „смешни докази“ го изнервирало Наваро, кој возвратил дека сите документи што ги донел се „наука, а не смешки“.

„За што зборуваш ти?“, го прашал во еден момент Фаучи Наваро, очигледно губејќи го трпението, пренесува Си-ен-ен. Тоа прашање дополнително го разгневило Наваро кој му се нафрлил на Фаучи, обвинувајќи го дека се противел на Трамповата забрана за влез во САД од Кина.

Фаучи, но и многу други на состанокот кој го предводел потпретседателот Мајк Пенс останале вџашени со ова обвинување, бидејќи тој јавно ја поддржа Трамповата забрана кога овој ја воведе.

Пенс се обидел да ја смири ситуацијата, но на крајот главните учесници се сложиле дека јавниот став на белата куќа треба да биде дека одлуката за терапија со лекот за маларија е на лекарот и пациентот.

„Никогаш досега немало конфронтации во работната група (за коронавирусот) како оваа вчера“, изјавил еден од учесниците за Аксиос.

Интересно е и тоа што Трамп на прес-конференцијата во неделата не му дозволи на Фаучи да одговори на прашање за кавгата. Наместо тоа, им порача на заболените од коронавирусот кои размислуваат за примањето на тој лек: „Што можете да изгубите?“

„Немаме време да потрошиме неколку години и да го тестираме тоа“, додаде Трамп.

Неколку учесници на состанокот изјавиле за Си-ен-ен дека испадот на Наваро не ги изненадил особено, бидејќи тој редовно ги има. Но оваа кавга само поттикнала поделба во Белата куќа околу Трампово промовирање на засега непроверениот лек за најголемата пандемија во последните неколку децении.