Лавров за ВВС: „Русија не е целосно морално чиста. Русија е тоа што е. И не се срамиме да покажеме кои сме“

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, даде ексклузивно интервју со уредникот на BBC News за Русија, Стив Розенберг во кое порача дека „работите не се како што изгледаат“ во врска со руската воена интервенција во Украина.

„Ние не ја нападнавме Украина. „Прогласивме специјална воена операција бидејќи немавме апсолутно никаков друг начин да му објасниме на Западот дека вовлекувањето на Украина во НАТО е криминален чин“, рече Лавров.

Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, Лавров даде само неколку интервјуа за западните медиуми.

Руските власти често тврдат дека нивната армија работи на „денацификација на земјата“, а Лавров сега го повтори официјалниот став на Кремљ дека во Украина има нацисти.

Новинарот потоа го цитираше официјалниот извештај на ОН за украинското село Јахидне, во регионот Чернихив, во кој се наведува дека „360 жители, меѓу кои 74 деца и пет лица со посебни потреби, биле принудени да останат 28 дена во училишниот подрум… Немаше тоалети, вода… Починаа 10 постари лица“.

„Дали е ова борба против нацистите?“, праша тој, на што Лавров одговори:

„Голема штета е, но меѓународните дипломати, вклучително и високиот комесар на ОН за човекови права, генералниот секретар на ОН и други претставници на ОН, се под притисок од Западот. И често ги користат за ширење лажни вести кои доаѓаат од Западот“.

„Русија не е целосно морално чиста. Русија е тоа што е. И не се срамиме да покажеме кои сме“, изјави Лавров за Би-Би-Си.

Потоа се осврна на односите меѓу Русија и Велика Британија.

„Мислам дека веќе нема простор за маневрирање, бидејќи и Борис Џонсон и Лиз Трус отворено кажуваат дека треба да ја победат Русија, дека треба да ја фрлат Русија на колена. Ајде, тогаш направете го тоа!“, коментира Лавров и додаде дека Велика Британија ги жртвува интересите на својот народ заради политичките амбиции.

Новинарот потоа му кажа дека во очите на Западот, Русија е одговорна за смртната казна што неодамна им беше изречена на двајца Британци во окупираната источна Украина, а Лавров рече дека „воопшто не го интересираат очите на Западот“.

„Ме интересира само меѓународното право. Според меѓународното право, платениците не се признаваат како борци“, рече тој, додавајќи дека судот треба да одлучи дали тие се платеници или служеле во украинските вооружени сили.

Тој потоа го обвини Би-Би-Си дека не ја открива вистината за тоа што се случувало со цивилите во областите во источна Украина под контрола на сепаратистите, „кога киевските војници осум години бомбардираа цивили“.

Да потсетиме, во 2021 година, според самопрогласените проруски „функционери“ беа убиени осум цивили во областите под контрола на бунтовниците, а пред една година седум цивили.

Иако секоја смрт била трагедија, новинарот му рекол, додавајќи дека тоа не е геноцид, за што Русија ја обвини Украина. На прашањето зошто новинарите не сакале да им дозволат да одат и да видат што се случува, Лавров кратко одговори: „Не знам“.