Унапредувањето треба да биде убав повод за славење. Но, веста што за вас претставува важен чекор во кариерата понекогаш не предизвикува исто воодушевување и кај колегите. Токсичната работна атмосфера не подразбира само отворени судири, викање или директни навреди. Таа може да се покаже и преку многу понезабележливи постапки кои со текот на времето ја разнишуваат самодовербата, ја намалуваат мотивацијата и го нарушуваат чувството дека припаѓате во колективот. Како да останете професионални, да поставите граници и да не дозволите туѓите реакции да го засенат вашиот успех?
Зошто унапредувањето може да ги промени односите во тимот?
Успехот во кариерата не ја засега само личноста што го постигнала, туку може да ги промени и дотогашните односи во тимот. Колегата со кого до вчера сте работеле на рамноправно ниво сега може да стане некој кому му одговарате за работата, чие мислење добива поголема тежина или кој носи одлуки важни за заедничките задачи. Кај некои колеги оваа промена буди несигурност, чувство дека им е нанесена неправда или страв за сопствената позиција. Некои се разочарани затоа што и самите очекувале унапредување, а други преку непријатното однесување покажуваат дека тешко ја прифаќаат новата хиерархија.
Секако, секоја воздржана реакција не е доказ за љубомора или токсично однесување. На некои луѓе едноставно им треба време да се навикнат на поинаква организација на работата. Но, ако непријатните постапки се повторуваат, се насочени кон вас и почнуваат да ви ја отежнуваат секојдневната работа, не треба да ги занемарувате.


Како да ја препознаете токсичната работна средина?
Една непријатна забелешка не значи автоматски дека работите во токсична средина. Поважно е да забележите кои однесувања се повторуваат и како се одразуваат врз вашата работа. Чести знаци се пасивно-агресивните коментари за унапредувањето, омаловажувањето на постигнатите резултати и тврдењата дека успехот го должите на среќа или на добри врски. Можеби забележувате дека веќе не ги добивате сите неопходни информации, дека колегите ве изоставуваат од разговори или состаноци, или постојано ги оспоруваат вашите одлуки, дури и кога тие се во рамките на новите овластувања.
Озборувањето, прикриеното ривалство, намерното одбивање да ви се помогне и обидите пред претпоставените да ве прикажат како неспособни за новата функција исто така можат да бидат дел од нарушените односи на работа. Особено е важно да обрнете внимание на сопственото чувство. Ако секое утро одите на работа со грч во стомакот, постојано ги преиспитувате разговорите со колегите или чувствувате потреба да се оправдувате за својот успех, застанете и размислете што навистина се случува.
Што да направите ако по унапредувањето се соочите со токсична атмосфера?
Кога односите во колективот ќе станат непријатни, една од честите реакции е да се обидете да го намалите значењето на сопствениот успех. Можеби ќе почнете да истакнувате колку е тешка новата работа, да се извинувате за организациските промени или да премолчувате што сте постигнале за да не предизвикате нови реакции. Сепак, не сте должни да се оправдувате за заслуженото унапредување. Ако новата позиција сте ја добиле благодарение на резултатите, знаењето и способностите, имате право да се радувате. Незадоволството на другите не го обезвреднува вашиот труд.
Поставете јасни граници во професионалните односи
Со новите одговорности треба да се приспособат и границите во деловните односи. Тоа не значи да се однесувате студено или да станете недостапни, туку јасно да кажете што опфаќа вашата работа, за кои одлуки сте надлежни и каква соработка очекувате.
Ако колега постојано дава несоодветни коментари за вашето унапредување, можете смирено да му кажете дека сакате разговорот да остане поврзан со работата. Доколку некој одбива да соработува, обидете се прецизно да го посочите проблемот и да договорите конкретни следни чекори.
Поставувањето граници не мора да води до судир. Тие често се најефикасни кога ги поставувате мирно, доследно и без предолги објаснувања.
Не прифаќајте натпревар во кој не сте избрале да учествувате
Токсичната средина лесно создава чувство дека непрекинато треба да докажувате оти ја заслужувате својата позиција. Секоја забелешка почнува да личи на предизвик, секој состанок на можност за надмудрување, а секој успех на колегите на нешто со што мора да се споредувате.
Обидете се да не влегувате во таквиот круг. Вашата задача не е секој ден да победувате во некаков невидлив натпревар, туку добро да си ја извршувате работата. Насочете ја енергијата кон приоритетите, резултатите и усовршувањето на вештините што ви се потребни на новото работно место. Професионалната самодоверба не се мери со тоа дали имате одговор на секоја провокација.
Разговарајте отворено, но во соодветен момент
Ако односот со одреден колега значително се променил, искрениот разговор понекогаш е најдобриот пристап. Наместо да претпоставувате што стои зад неговите постапки, опишете што конкретно забележувате и како тоа влијае врз соработката. На пример, можете да кажете: „Забележувам дека во последно време не ги добивам навреме сите информации за проектот. Би сакала да најдеме начин повторно да соработуваме како порано.“ Со ваков пристап оставате простор за дијалог, но истовремено јасно покажувате дека го гледате проблемот. Не мора да обвините некого за љубомора или лоша намера за да укажете дека неговото однесување ви ја отежнува работата.
Побарајте поддршка, без да создавате табори
Поддршката од колегите е драгоцена, особено додека се приспособувате на новата професионална улога. Сепак, избегнувајте озборувања и здружување во спротивставени групи, бидејќи тоа може дополнително да ги влоши односите. Наместо тоа, градете соработка со луѓе што разговараат отворено, ги почитуваат договорите и им пристапуваат професионално на проблемите. Разговорот со ментор или со поискусен колега може да ви помогне да ја согледате ситуацијата од друг агол.
Водете евиденција за проблематичните случувања
Ако постапките на колегите прераснат во систематско попречување на работата, саботажа, вознемирување или дискриминација, важно е да располагате со конкретни примери. Забележувајте ги датумите, случувањата, релевантната комуникација и последиците врз работата. Тоа е особено значајно ако решите да побарате помош од претпоставениот или од одделот за човечки ресурси. Така, наместо само општ впечаток дека атмосферата е лоша, ќе можете да посочите конкретни настани.
Извор: Lepota i Zdravlje