Кинезиве клонираат „суперкрави“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Кинески научници извршиле успешно клонирање на три „суперкрави“ кои можат да произведат невообичаено голема количина млеко, пренесуваат тамошните медиуми.

Научниците направиле 120 клон-ембриони од клетките на високопродуктивните крави и ги сместиле во сурогат-крава.

Џин Јапинг, предводник на проектот, смета дека клонирањето „суперкрави“ е голем чекор и ѝ овозможува на Кина, „на економски изводлив начин“, да ги одгледува најдобрите раси.

– Само пет од 10.000 крави во Кина можат да произведат 100 тони млеко во својот живот, што ги прави вреден ресурс за размножување. Но понекогаш е тешко да се одреди точно за кое животно се работи, што го отежнува нивното одгледување. Намерата е за две до три години да се создаде стадо од повеќе од 1.000 суперкрави, за да се намали зависноста на Кина од увоз на крави, рече Џин.

Северозападниот универзитет за земјоделска и шумарска наука и технологија клонирал крави од расата „Холштајн Фризијан“ што потекнуваат од Холандија. Тие крави можат да произведат 18 тони млеко годишно, или 100 тони млеко во целиот нивен живот – што е 1,7 пати повеќе од количината млеко од просечната крава. Државниот кинески медиум „Нингшија“ пишува дека клонираните животни се родени оваа година.

Кина увезува дури 70 отсто од млечните крави од странство. Во многу земји, вклучително и САД, земјоделците ги вкрстуваат расите од овие животни заради поповолни гени и особини, со крајна цел – поголемо производство на млеко или повисока отпорност на болести.

Оваа далекуисточна земја постигна голем напредок во клонирањето животни последниве години. Во 2022., кинеска компанија го создаде првиот клониран арктички волк во светот, а во 2017. кинески научници соопштија дека произвеле клонирани говеда со зголемена отпорност на говедска туберкулоза.