Кели Стафорд реагираше откако еден корисник на социјалните мрежи остави навредлив коментар за нејзиниот изглед под видео со совети во кое таа се појавува без шминка.
„Направи лифтинг на лицето… имаш пари“, напишал корисникот под видеото што Кели (37) го објави во четвртокот, на 12 ноември. Сопругата на квотербекот на Лос Анџелес Рамс, Метју Стафорд, потоа се огласи преку приказна на Инстаграм.
Во видеото под кое коментирал корисникот Дејвид, Кели искрено зборува за притисокот што го чувствува во деновите кога се играат натпреварите.
„Имам 37 години, четири прекрасни ќерки и секоја недела сум или на огромен екран на стадион или пред многу луѓе“, рече таа, седејќи во својата бања.
Кели и Метју (38) имаат четири ќерки: деветгодишните близначки Сојер и Чендлер, осумгодишната Хантер и шестгодишната Тајлер.
Кели, која потекнува од Џорџија, минатиот месец во ексклузивен разговор за „Ју-ес викли“ изјави дека животот во Лос Анџелес ѝ создава „притисок да изгледа на одреден начин“. Метју е прв квотербек на Рамс од 2021 година.
„Тука е нормално луѓето да прават разни зафати и слично. Го чувствувам тој притисок“, рече таа. „Можам само да замислам како ќе им биде на моите ќерки додека растат тука. Се надевам дека ќе размислуваат: ‘Да, тоа е нешто што луѓето го прават тука, но нам ни е добро и вака’. Сепак, мислам дека ќе биде тешко. Тука има толку многу работи што влијаат врз тоа.“
Таа додаде дека и со сопругот би сакале нивните ќерки да имаат поедноставно детство.
„Донекаде ни самите не знаеме што правиме, бидејќи ниту еден од нас не пораснал на овој начин. Важно ни е да бидеме опкружени со заедница што ги дели нашите вредности. Тоа ќе ни помогне и нам двајцата да останеме со нозете на земја. И тоа е дел од сето ова. Мора да останеме приземни. А како се постигнува тоа? Се опкружуваш со луѓе што те познаваат отсекогаш и што ќе ти кажат кога тресеш глупости“, објасни Кели.
Метју и Кели се запознале додека студирале и спортувале на Универзитетот во Џорџија. Таа била дел од навивачкиот тим, а тој бил квотербек на Булдогс. Се венчале во 2015 година.
Извор: US Weekly