Каракачанов повторно условува: Македонија до петок да каже дали ќе попушти или не


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По вчерашната средба во Софија на претставниците на Македонија и Бугарија во рамките на Самитот на Берлинскиот процес, од Скопје нема официјална информација за тоа дали има напредок во однос на можноста за компромис за македонските преговори за членство во ЕУ. Со изјава се јави само министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој рече дека веќе нема што да преговара и дека сега се зависи од Скопје, тврдејќи дека Бугарија нема да отстапи од нивните позиции.

„Им објаснивме на нашите колеги од Македонија дека не можеме да направиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и со идентитетот на целиот нејзин народ, кој е дел од општата историја. Од тука натаму сè е во рацете на колегите во Скопје. Макар и неколку денови до крајот на процесот, до петок, брзо да корегираат сè што пропуштиле во моментот. И да видиме дали тоа е доволно да почнат преговори со ЕУ“, изјави Каракачанов.

Тој додаде дека има две опции – или добро да се заврши целиот процес за Бугарија и Македонија, или разговорите за влез на Македонија во ЕУ да бидат одложени.

Од македонска страна освен премиерот Заев беа и министрите Бујар Османи, Никола Димитров и Фатмир Битиќи, а бугарскиот премиер Борисов беше придружуван само од Каракачанов.

Тие, по завршувањето на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија, во рамки на Берлинскиот процес, заедно заминале на ручек.

Првичните оцени на македонската Влада се дека успешниот Берлински процес е позитивен и охрабрувачки сигнал. „Остануваме посветени на наоѓање решение. Ако се постигне позитивно решение за Македонија, тоа ќе биде добро за сите што се вклучени во процесот, а во спротивно ќе имаме споделен неуспех“, велат од Владата.