
Дали сте забележале со каква брзина од онаа нежна и блага личност која со нетрпение ја очекуваше мајчинската улога, сте се претвориле во чудовиште што вика на своите деца цел ден?
„Собери ги играчките“ – со мирен тон, „собери ги играчкитеее“ – веќе малку погласно, но кога тоа го повторувате трет пат, веќе е од сета сила со пареа што ви излегува од ушите. Во целата приказна ви недостигаат само роговите, но и нив ги гледате во својот одраз во огледалото кога вашето дете покунето ја напушта просторијата откако сте извикале на него.
Не постои магично стапче со кое ќе ги насочите своите зборови и дела, но постои еден проверен трик што може да го пробате ако сакате да престанете да бидете лута мајка 24/7. Станува збор за ластичиња за коса. Да, звучи чудно, но навистина дава одлични резултати. Визуелниот ефект е моќна алатка што ќе ви помогне да избегнете лоша навика што сте ја развиле со текот на времето. Нешто како потсетник што сами ќе си го оставате за да не заборавите што е навистина важно – давање љубов на децата и покажување на исправен начин на однесување.
Процес:
– Земете 5 ластичиња за коса кои ви се удобни за носење на зглобот на раката.
– Кога децата ќе се разбудат наутро, ставете ги на зглобот од една рака. Секогаш настојувајте тоа да биде иста рака. Важно е да почекате тие (или тоа) да се разбудат, бидејќи визуелните знаци нема да функционираат ако се стопат со позадината. Со други зборови, ако се навикнете да ги имате на зглобот, нема ниту да ги забележувате.
– Ако ви се случи да викате на вашето дете, преместете едно ластиче на зглобот од другата рака. Целта е до крајот на денот сите ластичиња да се вратат на оригиналниот зглоб. Како?
– Истражувањата покажуваат дека за здрав однос (родител – дете) се потребни 5 позитивни интеракции за да се избалансира едно лошо дело – викање.
– Сè може да биде добар начин за повторно поврзување со вашето дете – од прегратка, преку заедничка игра, до читање книга пред спиење.
– Дури и ако имате повеќе од едно дете, можно е да го примените овој начин на контрола на вашето однесување. Откако сте викале на едно дете, фактот дека ги има повеќе и дека постои шанса да ја повторите грешката ќе ве наведе што побрзо да ги изгладите работите со првото дете.