Оваа година летото не завршува само на плажа – пареото добива свое место и во урбаниот стил!
Време е да ја напушти патната торба и да стане шик детаљ којшто нѐ следи низ градскиот ритам, така што чувството на одмор и летна безгрижност останува присутно и кога сме во срцето на метежот.
Пареото веќе не е резервирано само за тропски егзотики или одмор покрај море. Оваа сезона го гледаме насекаде – од Инстаграм и луксузни ресорти, до модните писти на Копенхаген. Во урбаниот изглед станува впечатлив моден елемент кој совршено ја спојува лежерноста со софистицираноста.
ПАРЕО + КОШУЛА = ИНСТАНТ ШИК
Оваа комбинација е едноставна, но слоевита и прилагодлива. Совршена е за попладневни коктели или вечери на кровна тераса со поглед. Совршен баланс на high/low стил – каде лежерноста на плажниот изглед се спојува со елеганцијата на кројот.
На улиците на Копенхаген особено се истакна црно-бело парео во комбинација со кошула на линии, дополнето со импресивен синџир околу струкот. Кошулата внимателно беше ставена во пареото, создавајќи елегантен резултат, далеку од класичниот „beach look“.
Во друг стил, oversize бела кошула нежно ја следеше силуетата, додека над неа беше заврзано парео во маслинеста нијанса со интересен принт со риби. Целиот изглед беше заокружен со рамни сандали во силно црвена боја – резултатот е младешки, забавен, а сепак елегантен, со вистинска летна енергија.
За оние кои сакаат креативни и смели комбинации, пареото може да се носи како топ над панталони за дневен изглед или да се заврзе како мини здолниште со потпетици за вечерна варијанта. Овој моден додаток покажува колку е всушност флексибилен и колку лесно се вклопува во различни ситуации и стилови.
Оваа година, летото во градот добива нова атмосфера – пареото веќе не е ексклузивен за плажа, туку главен моден елемент за секојдневното стилско изразување. Нека вашиот outfit секогаш носи здив на одмор и сончева енергија!