Јавна консултација на штипскиот Правен факултет за ново студентско организирање


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска се одржува јавна консултација за ново студентско организирање во Македонија. Иницијативата за одржување јавни консултации со студенти, професори, студентски организации и други засегнати страни има цел да ги прибере мислењата за нов модел на студентско организирање.

Со новиот Закон за високото образование студентите ќе добијат и нов модел на студентско организирање. Какво треба да биде тоа? Токму за ова денеска ќе расправаат студенти од повеќе организации на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Сегашниот модел на студентско организирање се покажа дека воопшто не е ефикасен, дека студентите немаат интерес да членуваат, дека е во рацете на неколкумина студенти, а последното скандалозно избирање на претседател на Студентскиот парламент само ги потврди овие сомнежи.

Пленумци имаат идеја како треба да функционира студентското организирање и нивните предлози се веќе испратени до работните групи што го подготвуваат новиот Закон за високо образование.

Дојчиновски од Студентски пленум објаснува дека ќе биде дијаметрално спротивен на оној што егзистира моментално.

– Сега имаме невладина организација врз која универзитетот нема никаква контрола. Исто така, клучна промена ќе има и во начинот на членување. Во иднина секој студент ќе биде и член на таа организација – вели тој.

Во врска со финансиската независност на новото студентско тело, Дојчиновски објаснува дека идејата е организацијата да нема целосна контрола врз средствата. Со тоа ќе се избегне монопол врз финансиите.

– Преку оваа форма на организирање средства ќе се префрлаат на студентското претставничко тело само за делот кој му е потребен за негово редовно функционирање. Во сите останати финансии ќе можат и другите регистрирани студентски организации од универзитетот активно да партиципираат и да може да спроведуваат свои сопствени активности.

Дојчиновски истакнува дека студентите мора да бидат интегрирани во процесот на управување и ова студентско претставничко тело генерално ќе го обезбедува тоа, но според строги правила и принципи.

Покрај овие предлози на пленумци за новиот начин на студентско организирање, свои идеи даваат и други организации. Денеска во Штип, Младинскиот образовен форум организира јавна консултација за ново студентско организирање во Македонија. Иницијативата за одржување јавни консултации со студенти, професори, студентски организации и други засегнати страни има цел да ги прибере мислењата за нов модел на студентско организирање. Овие консултации ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои би се доставиле до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамките на Закон за високото образование. Ваков настан во Скопје ќе има во ноември.