Израел и Палестина на раб на општа војна


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


По последните крвави настани во Ерусалим и на Западниот Брег и еден месец откако израелската крајнодесничарска влада стапи на должност, Израел и Палестинците ризикуваат да се лизнат во нов циклус на поширок конфликт додека притисокот за одмазда на двете страни е силен, велат аналитичарите за Ројтерс.

Палестински напаѓач уби седум лица во близина на синагога во предградие на Ерусалим во петокот вечерта, еден ден откако израелските сили упаднаа во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, убивајќи 10 лица, меѓу кои и седум напаѓачи, пренесува Мкд.мк.

Израел во саботата соопшти дека испраќа воено засилување на Западниот Брег и вети „брз и силен одговор“ на нападот, кој палестинската милитантна група Хамас го прослави како одмазда за операцијата во Џенин.

Израелско-палестинскиот конфликт со децении стивнува и се разгорува за време на војни, востанија и мировни процеси. Сега Израел ги нормализираше односите со неколку арапски држави, додека Палестинците стануваат сѐ поизолирани и поделени, наведува Ројтерс.

Додека можноста за политички напредок е послаба од кога било во последните години, а светските сили се фокусирани на војната во Украина, насилството се интензивира.

Последната ескалација следи по неколкумесечниот конфликт во кој, според податоците на Обединетите нации, загинаа 190 Палестинци. Покрај седумтемина убиени во петокот, според податоците на израелската влада, минатата година Палестинците убиле 29 Израелци и странски државјани, вклучително и цивили и војници.

Тензиите се зголемија откако во декември премиерот Бенјамин Нетанјаху се врати на власт со верски националисти на клучните владини позиции, ветувајќи построг став, што ги налути Палестинците.

„Мислам дека ова влошување ќе продолжи и тоа е неизбежно“, изјави за Ројтерс Гасан ал-Хатиб, палестински аналитичар и професор по политички науки на Универзитетот Бирзајт на Западниот Брег.

Подемот на популистичката израелска политика ги поттикнува повиците за бескомпромисна акција против Палестинците, што би резултирало со „понатамошна палестинска реакција, што ќе доведе до континуирана ескалација“, рече Хатиб.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, кој ги налути муслиманите со посетата на џамијата Ал Акса неколку дена по преземањето на функцијата, ја поддржува смртната казна за Палестинците осудени за убиство на Израелци и имунитет од кривично гонење на израелските војници и полицајци.

Во говорот по нападот во петокот, тој вети повеќе дозволи за оружје за Израелците и рече дека ѝ наложил на полицијата да ги уништи палестинските домови изградени без дозволи во Источен Ерусалим, кој Израел го окупираше во војната во 1967 година.

Портпаролот на Хамас Хазем Касем рече дека потезите на Израел „нема да го запрат легитимниот отпор на нашиот народ против окупацијата“ и посочи дека Палестинците ќе продолжат со својата „славна револуција“.

И покрај жестокиот наратив на милитантната група што ја контролира Газа, Хамас не ги насочи своите ракети кон Израел – како што тоа го направи во војната во 2021 година – а Нетанјаху инсистира дека Израел не сака ескалација, што барем засега спречува нов пожар.

Сепак, со најмалку 35 убиени Палестинци оваа година, вклучувајќи војници и цивили, нема многу знаци за смирување на тензиите. Израел објави дека цел на неговите упади на Западниот Брег биле екстремистите. Палестинците израелските упади ги нарекуваат агресија на окупираната територија.

Нападот во петокот вечерта, извршен од 21-годишниот Палестинец Каире Алкам, се случи додека Израелците се подготвуваа за сабат и за Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.

Ројтерс посочува дека ситуацијата е комплицирана од таканаречените напаѓачи „осамени волци“, кои дејствуваат независно, но за кои Израел тврди дека често се радикализираат со видеа на Тикток и други материјали од групи како Хамас, иако тие не се директно поврзани со нив.

Таткото на Алкам рече дека неговиот син не бил поврзан со милитантни групи. Дедото на Алкам, според семејството, бил убиен во напад со нож пред четврт век. Еврејскиот доселеник што беше уапсен за тоа убиство е ослободен по еден месец притвор откако судот заклучил дека нема доволно докази за кривично гонење, јавија израелските медиуми.

Хатиб тврди дека палестинскиот гнев е резултат на акциите на израелските војници и еврејските доселеници, а не на палестинските групи. „Ним не им треба Хамас, не им треба Фатах, не им треба некој да ги поттикнува. Доволно е само да гледаат што прават доселениците и што прават израелските војници“, рече Хатиб.

„Единствениот излез од овој синџир на акции и реакции е политички процес, кој може да ја врати надежта на Палестинците за мирен крај на окупацијата“, рекол Хатиб за Ројтерс.

Сепак, мали се шансите за координиран одговор, бидејќи палестинското раководство е поделено меѓу изолираната исламистичка група Хамас во Газа и меѓународно признаената, но слаба Палестинска управа на Западниот Брег.

„Во секоја област на Западниот Брег се случува некој вид оружен конфликт, но тоа не се единствени масовни движења“, изјави Тахани Мустафа од Меѓународната кризна група за британската агенција.

Халид Елгинда од Институтот за Блискиот Исток изјавија дека сегашните тензии потсетуваат на ситуацијата во 2000 година, кога посетата на тогашниот израелски опозициски лидер Ариел Шарон беше чкрапец за палестинските протести, кои се претворија во втора интифада, односно востание.

„Сè може да биде искрата“, вели Елгинди.

Тој продолжен конфликт ги обнови меѓународните мировни напори. Меѓутоа, во време кога многу земји се фокусирани на војната во Украина и на домашните економски предизвици, мали се шансите да дојде до надворешен притисок за да се спречи влегување во поширок конфликт.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен оваа недела ќе ги посети Израел и Западниот Брег. Блинкен во петокот го осуди нападот во Ерусалим во изјава во која не се споменуваше обврска на САД да се позанимава со решавање на раширената криза.

„Имаме ситуација што е многу слична на динамиката што ја имавме за време на втората интифада, но без надворешни актери што дејствуваат на начинот на кој постапуваа тогаш“, рече Елгинди.