Избувна пожар во најголемата нуклеарна централа во Европа, АЕЦ Запорожје – изгаснат без жртви

Во раните утрински часови избувна пожар во нуклеарната централа Запорожје во близина на градот Енергодар, најголема од таков тип во Европа , изјави градоначалникот на тој град.

Набрзо се огласи и Дмитро Кулеба, шеф на украинската дипломатија, кој рече дека Русите пукаат во централата од сите страни и ги повика да престанат да пукаат.

Зеленски го коментираше и пожарот во електраната, обвинувајќи ја Русија за нуклеарен тероризам. Борис Џонсон, исто така, побрза да проговори, велејќи дека ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН бидејќи „дејствата на Путин директно ја загрозуваат Европа“.

По извршениот увид во петкатницата за обука на нуклеарната електрана Запорожје, констатирано е дека гореле просториите на третиот, четвртиот и петтиот кат. Жртви нема.

Градоначалникот на Енергодар Дмитриј Орлов информира дека има повредени во судирите кај нуклеарната централа Запорожје.

Во гаснењето на пожарот во АЕЦ Запорожје учествувале 40 лица и 10 парчиња опрема, соопшти Министерството за вонредни ситуации на Украина.

Евакуација на жителите на Енергодар нема да има поради ситуацијата во АЕЦ Запорожје. Сепак, веќе се подготвува план за евакуација затоа што инфраструктурата е уништена и руските војници се присутни на терен.

Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.

„Во 06:20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви”, соопштија украинските служби за итни случаи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека спроведува „нуклеарен терор” и дека сака да ја „повтори” катастрофата во Чернобил, по гранатирањето на нуклеарната централа во централна Украина, среде руската инвазија.

„Ќе го предупредиме светот дека ниту една земја освен Русија никогаш не пукала во нуклеарни централи. Ова е првпат во нашата историја, првпат во историјата на човештвото. Оваа терористичка држава сега врши нуклеарен терор”, нагласи тој во видео порака.

Украинскиот нуклеарен регулатор не откри „никаква промена” во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје, каде што избувна пожар по руското гранатирање, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

„Украинскиот регулатор ја извести МААЕ дека не е забележана промена во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје”, објави агенцијата на Твитер.