Историска прва богослужба на македонски јазик во Фанар – за томос за автокефалност ќе почекаме

Денеска, после 55 години чекање, Македонската црква и официјално стапи во единство со сите православни цркви во светот.

Утрово Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан одржаа заедничка литургија во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул (Фанар) откако во четвртокот вселенскиот Патријарх Вартоломеј му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство, пренесува Гласот на Америка.

„Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет“, кажа во својата беседа Патријархот Вартоломеј.

Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот г.г. Стефан порача дека трпеливо ќе чекаат да се уредат сите работи околу статусот на Охридската архиепископија и дека тоа е во рацете на Вселенската патријаршија.

„Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“ , порача Архиепископот г.г. Стефанво својата беседа.

Ова е прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено канонско и ерархиско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската изолираност наложена врз нашата Црква.

„Ова ја доловува смислата на она што ние во последните 55 години го бараме а тоа е канонското и литургиското единство. Всушност редот на Црквата тоа го претполага и го претпоставува согласно преданискиот и канонскиот континуитет на нештата. Се воспоставува прево литургиското односно канонското единство. Тоа секогаш доаѓа од првопрестолната црква односно Вселенската патријаршија. Денеска ние сме сведоци на тој историски момент кога нашата црква официјално влегува во канонското едиснтво со сите цркви, односно праксисот кој неговата сесветост Патријархот Вартоломеј го предаде на Архиепискот г.г. Стефан во четвртокот денеска всушност влегува во сила и ја добива својата суштина преку заедникото сослужување и причествувањето“, изјави по литургијата отец Бобан Митевски од МПЦ.

Стотици верници од Северна Македонија утрово беа присутни во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ на синодалната литургија. Тие не ја криеа радоста и воодушевувањето од историскиот чин.

„Радоста е голема што особено на ваков ден не благослови бог да бидеме тука. Радоста е толку голема колку зборовите на псалмопевецот Давид каде што кажува дека Господ го создаде овој ден да се радуваме и веселиме во него, особено кога гледаме дека нашата Охридска архиепископија одново блеска. За многаја лета!“, рече една од присутните вернички.

„Голема е радоста. Ние верниот народ на најсветата Охридска древна архиепископија, дојдовме овде да бидеме сведоци на овој историски момент за нашата Охридска Архиепископија. Јас сум од Охрид и пресреќна сум што сум сведок на овој историски момент“, порача една од пристуните во Соборниот храм.

Кога томосот за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква Вселенскиот патријарх ќе го предаде на МПЦ-ОА засега не се открива, но од Македонската црква порачуваат дека треба да бдеме трпеливи и да се радуваме во на овој момент.

„Јас ќе кажам да бидеме трпеливи. Најважно е ова, не е важно парчето хартија. Најважно е воспоставувањето на литургискиото и какноското единство. Томосот ќе дојде кога тогаш кога за тоа ќе оцени Вселенската патријаршија и Вселенскиот патријарх кој е единствениот надлежен кој го потпишува и го издава томосот според православната еклисиологија. Да се радуваме и да уживаме во овој момент а не да очекуваме нешто за кое ќе дојде со времето и за кое треба да бидеме трпеливи“, изјави отец Бобан Митевски.

На денешната синодална литургија беше присутен и премиерот Димитар Ковачевски која ја предводеше Владината делегација и кому му беше укажана честа да ги прочита молитвите „Симболот на верата“ и „Оче наш“ во име на народот на Северна Македонија.

Утре архиепископот г.г. Стефан сам ќе одржи литургија во присуство на вселенскиот патријарх Вартоломеј.