Испад на далекувод и пожар во близина на трансформатор синоќа го оставија Скопје без струја


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле се факторите кои го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија, соопшти синоќа АД МЕПСО.

„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување. Во оваа прилика АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија но единствено во насока на сoздавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“, се наведува со соопштението од АД МЕПСО.

Звонко Тоневски командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, изјави дека дојавата за пожарот била добиена во 17:45 часот. Веднаш е испратена една екипа од центар Драчево со две возила, а поради сериозноста на самиот објект-трафостаница, испратена е дополнителна помош од центар Автокоманда.

„На самото место видовме дека не станува збор за пожар во трафостаницата туку надвор од него. Поради искра на далноводот во непосредна близина беше опожарена површина од сува трева. Веднаш е побарано да биде исклучено напојувањето од далноводите и е пристапено кон гасење. За кратко време пожарот беше локализиран. Останатиот дел од интервенцијата беше превентивен заради повторното пуштање на далноводот“, рече Тоневски.

Според информациите што ги добиле од екипите на АД МЕПСО, повторното пуштање поминало добро и сѐ е во ред.

За можните причини за пожарот, Тоневски вели дека препоставките се оти може да е од неколкукратните прекини на електиричната енергија и испадите што ги имаше пред избувнувањето на огнот.

Не е исклучено исклучувањето и палењето на тревата да е од силното повлекување на струја од далновод.

„Можно е. Не знам дали е тоа од далноводот, затоа што имавме дојава за експлозија на далновод во индустриската зона Бунарџик што можеби е поврзано едно со друго“, изјави Тоневски.

Речиси цело Скопје беше без електрична енергија вечерва од 17:15 до 18:00 часот. Струја немаше во Центар, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Ѓорче Петров.