Исклучените од парно системот во Скопје ја добија правната битка и во Стразбур


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуда во полза на сопствениците на становите кои се исклучени од парно системот, а добиваа сметки со фиксна сума за парно греење, иако не ја користеа грејната мрежа.

Според пресудата, државата не го заштитила имотот на лицата кои не сакале да ја намират фиксната сметка за топлинска енергија на исклучените станови од мрежата за централно греење, пренесува „360 Степени“.

Сите тужители се сопственици на станови во станбени згради кои се поврзани на мрежа за централно греење, а нивните станови беа исклучени од оваа мрежа или на нивно барање или на барање на поранешните сопственици пред 2012 година, односно со стапување во сила на регулативата со која се обврзуваат корисниците што веќе не се поврзани на мрежата да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна годишна претплата.

Во 2013 година Уставниот суд оцени дека одредбата од оваа регулатива е во согласност со Уставот, оценувајќи дека корисниците што се исклучени од мрежата мора да платат за топлината што ја примаа индиректно од другите станови во зградите кои се приклучени на мрежата.

Во пресудата од судот во Стразбур се наведува дека домашните судови го потврдиле ова толкување и ги отфрлиле граѓанските постапки на жалителите со кои тие ја сопреа наплатата на фиксната претплата за која се жалеле. Судовите сметаа дека, како индиректни потрошувачи, апликантите мора да го платат фиксниот износ, без оглед на индивидуалните околности.

Во 2018 година Врховниот суд го ограничи обемот на ова толкување со исклучување на плаќање на надоместокот за одредена категорија станови доколку се исполнети одредени услови.

Врз основа на на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имотот), жалителите тврдеа дека нивната обврска да ја платат спорната такса го нарушила нивното право на сопственост.

Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права. Притоа е одлучено на жалителите да им се исплатат суми од 2 100 евра до 320 евра за трошоци.

Регулаторната комисија за енергетика лани донесе нови правила за снабдување, според кои од април лани исклучените не добиваат сметки за парно, освен оние чии станови се празни и не живеат во нив бидејќи тоа влијаело на трошоците на другите станари.

Но засегнатите станари и натаму негодуваа поради судските постапки за изминатите седум години. Исто така, тие се противеа и на новата одредба, според која треба да докажуваат дека нивните станови не се празни.