Голем број вработени го одбија ултиматумот од Маск и ги напуштаат работните места во Твитер


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Преземањето на компанијата во чија сопственост е популарната социјална платформа „Твитер“ од страна на Илон Маск предизвика многу откази и волонтерски напуштања на работните места, па тој сега се обидува да ги задржи вработените додека се случуваат големи внатрешни промени во компанијата, пренесува „Гардијан“.

Кризата во „Твитер“ стана поголема откако денес стотици вработени во компанијата известија дека го одбиле ултиматумот на новиот сопственик и почнаа да се збогуваат со платформата велејќи дека можеби ќе прекине да функционира.

Откако компанијата привремено ги затвори канцелариите за врботените, тие почнаа да се збогуваат со платформата и да ги објавуваат своите профили на другите друштвени мрежи.

#РИПТвитер, #ТвитерПадна, #Мастодон и #Мајспејс беа најпопуларни хаштази откако заврши рокот на ултиматумот на Маск, според кој тој бараше вработените да потпишат дека ќе работат подолго работно време и со поголем интензитет или да дадат отказ. Според проценките, се чини дека стотици вработени кои не беа претходно отпуштени, ќе си заминат од компанијата.

Голем дел од вработените кои ја напуштаат платформата се инженери одговорни за поправање на грешките и спречување на прекини при користењето, па се отвори прашањето за стабилноста на платформата.

Вчеравечер, верзијата на апликацијата која ја користат вработените станувала спора, а тие процениле дека јавната верзија на „Твитер“ е под ризик да стане нефункционална за време на вечерта.

За време на јавната мешаница, Маск константно објавуваше свои објави на „Твитер“. Тој се шегуваше на сметка на ризикот за нефункционалноста на платформата, објавувајќи мемиња и велејќи дека бројот на корисници на „Твитер“ е најголем досега.