Актуелно

Героски: Одговори на 7-те најчести прашања што ми ги поставуваат во врска со мојот однос кон аферата “Рекет”

Новинарот Бранко Героски кој со месеци пишува за можната корупција и скандалот Рекет, на својот ФБ профил даде објаснувања за најчестите дилеми што се јавуваат во јавноста, поврзани со него. Во целост го пренесуваме неговиот ФБ пост:

ОДГОВОРИ НА СЕДУМТЕ НАЈЧЕСТИ ПРАШАЊА ШТО МИ ГИ ПОСТАВУВААТ ВО ВРСКА СО МОЈОТ ОДНОС КОН АФЕРАТА “РЕКЕТ”

Во неколку коментари на различни постови, Aleksandar Icokaev и некои други ФБ пријатели поставуваат важни прашања кои се однесуваат на мојот личен однос кон аферата “Рекет”. Игнорирајќи ги навредите и клеветите, со задоволство ќе одговорам на седумте прашања што ги сметам за најрелевантни:

Прво, иако како и повеќе новинари знаев за постоењето на видео и аудио снимките што ги објави италијанскиот медиум “Ла Верита”, јас лично ги немам слушнато додека не беа објавени. И не само тие снимки – самиот Заев многу добро знае дека никогаш немам слушнато ниту една снимка од неговиот сет “бомби”, пред да ги објави јавно. Зошто? Затоа што знам што значи да се поседува или да се слуша ваков материјал пред да биде објавен – бомбата ноже да ти експлодира в рака! Затоа во моите написи во јуни, со кои ја обелоденив аферата, нема никаков опис на содржината на овие снимки, туку само предупредување дека постои цврст доказен материјал за рекетот, што се покажа како точно.

Второ, снимките датираат од февруари годинава, Заев дознава и пријавува во април (така вели, но би сакал да видам некаков записник од тоа пријавување во Јавното обвинителство), а јас за Коки, Кики, Фрики другуте почнувам да пишувам дури во јуни. Приказните ги склопив од повеќе извори и засега не се уверливо демантирани. Моите извори, се разбира, нема да ги откријам. Тоа е моја етичка обврска.

Трето, се разбира дека прв пат слушам и за италијанскиот новинар и за “Ла Верита”. Со осомничениот Бојан Јовановски си имаме кажано едно “здраво” пред 1ТВ на моето гостување во премиерната емисија на Сашо Ордановски. Тоа е сė. Колумната на Боки 13 во “Слободен печат” ја нарача и ја менаџираше тогашниот директор Кошевалиски, со моја согласност, секако. Осомничениот Зоран Милевски Кичеец воопшто не го познавам. Од вечерта пред првото апсење за “Империја” до денес со Орце Камчев се имам видено на кратко два пати и немаме разговарано ни за “Империја” ни за “Рекет”. Од неговите соработници еднаш побарав и добив изјава за аферата, што ја објавив во една од колумните. Тоа е сė во врска со моите контакти со главните актери.

Четврто, сите докази кои ги спомнав во моите колумни беа објавени од други медиуми во месец јули, кога беа уапсени осомничените, а јас бев на годишен одмор надвор од Македонија. Станува збор за двата спорни договора на Меѓународен сојуз со две градежни фирми, неколку меморандуми и неколку дописи. Дополнително, во врска со ова, објавени се искази и текстови кои ги потврдија наводите во моите приказни. Други важни докази не поседувам.

Петто, сė што знам и дознавам во врска со аферата “Рекет” го споделувам со моите читатели. Така било до сега, така ќе биде и во иднина. Го правам тоа не за “лична корист” или да се правам важен – никој за тоа не ми платил ни денар, а слава новинарска, фала богу, не ми недостасува – туку поради мојата обврска кон јавноста. Таа, јавноста, има право да знае. Моите извори ми веруваат. Затоа, чувствувам обврска да пишувам. А органите на прогонот можат да читаат и да реагираат по допрен глас.

Шесто, лага е дека сум сакал да се видам со Заев за да му кажам детаљи или докази за “Рекет” за да не ги објавувам. Јас не тргувам со информации и со влијание. Видовме на снимките кој го прави тоа и кој се фали дека за рекетот зборувал со Заев. Тој лик го инволвира Заев во скандалот (имам чувство дека допрва тоа ќе го прави). Јас не сум виновен поради тоа. Тој лик е другарче на многу другарки и другарчиња на Зоран Заев. Од нив премиерот да си го бара одговорот на прашањето кој му ја руши владата. Освен тој самиот.

И седмо, јас лично на ниту еден начин не сум инсајдер или дополнително инволвиран во аферата “Рекет”. Од самиот почеток, кога ја отворив, одлучив да одржам професионална дистанца кон инволвираните и успеав во тоа. Така ќе биде и во иднина.

ПС. Знам дека после овој пост ќе има лавина коментари. Спремен сум да одговорам на било кое битно прашање. Но, сите хејтања и инсинуации ќе ги бришам, а авторите ќе ги блокирам, во рамките на мојата нова политика на одржување хигиена на мојот ѕид на Фејсбук.

Advertisements
To Top