„Газпром“ го пренасочува Северен тек 2 кон северозападот на Русија

„Газпром“ го пренасочува „Северен Тек 2“ за потребите на северозападните делови на Русија, јавува агенцијата РИА цитирајќи го официјалниот Телеграм канал на компанијата.

„Поради фактот што морскиот гасовод „Северен тек 2“ во моментов не се користи, а имајќи ја предвид имплементацијата на програмата за снабдување со гас и гасификација за потрошувачите во северозападниот регион, „Газпром “ одлучи да го искористи вишокот на гас на руско копно“, се вели во објавата.

Со новото пренасочување кон Русија, доколку Германија во иднина се премисли и одлучи да го пушти гасоводот, таа ќе може да се поврзе само со една низа, додека другата нема да работи до 2028 година, додаваат од компанијата.

„Северен тек 2“ се протега од рускиот брег преку Балтичкото Море до Германија. Неговата изградба беше завршена во септември минатата година, а до декември беше целосно подготвен за работа. Гасоводот требаше да испумпува 55 милијарди кубни метри гас годишно, но по почетокот на руската окупација врз Украина, германските власти ја укинаа лиценцата.

Речено со зборовите на германската министерказа надворешни работи Аналена Бурбок, проектот е всушност замрзнат.