Габер-Дамјановска избрана за директор на Академијата за судии и јавни обвинители


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Со осум гласа „за“ и еден „воздржан“, Наташа Габер-Дамјановска доби втор четиригодишен мандат на функцијата директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Габер-Дамјановска е поранешна уставна судијка и директорка на Институтот за социолошки и политички правни истражувања, а за директор на Академијата првпат беше избрана во ноември 2018 година.

Во трка за директор на Академијата беа уште тројца кандидати – судијата од Основниот Кривичен суд Скопје, Ненад Савески, судијата Ангел Димовски и судијката од Основниот граѓански суд Скопје, Емилија Шопар-Јованова.

На денешната седница на Управниот одбор на Академијата, судијата Савески добил три гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“, додека судијата Ангел Димовски добил девет гласа „против“. За судијката Емилија Шопар-Јованова не се гласало, поради неисполнување на условите.

Точката за избор на директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Управниот одбор на Академијата ја тргна од дневниот ред на седницата закажана за 7 декември поради пристигната пријава по пошта на кандидатот Ангел Димовски и потреба да биде разгледана од Комисијата за избор.

На претходниот оглас што беше распишан во текот на летото, од сега пријавените, кандидатура поднесе само Габер-Дамјановска. Противкандидатка ѝ беше судијката Оља Ристова од Кривичниот суд. Меѓутоа, на седница на 30 август членовите на УО не избраа директор. Иако тогаш беше кажано дека и двете кандидатки ги исполнуваат условите за функцијата, ниту една од нив не го доби потребниот број гласови.

Во меѓувреме дојде до промена и на составот на УО, а по истекот на мандатот на Габер-Дамјановска на 30 ноември, како вршители на должност директор на Академијата се сменија две лица кои според закон се од редовите на Управниот одбор.

Првично, на конститутивната седница на новиот УО на 29 ноември, за в.д. директор беше назначен судијата Зоран Герасимовски кој е и член на Судскиот совет. Меѓутоа, тој на 5 декември објави дека по укажувањата од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) дека има судир на интереси поднесе оставка од в.д. директор.

Истиот ден, на седница на УО, привремено до денешниот избор, на функцијата беше поставен Бесир Алиу, обвинител од Тетово.