Фрчкоска: Снимките не може да бидат докази во „Рекет“, прибавени се на незаконит начин (ВИДЕО)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ирена Данаилова-Фрчкоска, aдвокатка на Катица Јанева, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за доказите кои и биле презентирани против Јанева од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, велејќи дека и биле презентирани селектирани докази.

По она што го видов, од материјалните докази не произлегува било каква инволвираност или индиции на постоење на основано сомнение дека Јанева го сторила делото кое и се става на товар, вели Данаилова-Фрчкоска во интервјуто.

Запрашана за снимките во кои се слуша како Јанева директно комуницира со осомничено лице во предмет за којшто СЈО води истрага, таа рече дека тие разговори ги толкуваат во насока на изјавата на Јанева, односно дека се работело за евентуална соработка како сведок во друга постапка.

Данаилова-Фрчкоска вели дека ќе треба да се види дали снимките воопшто ќе може да бидат искористени како докази во кривичната постапка.

Не може да се поистоветат снимките коишто Специјалното јавно обвинителство ги третираше како докази и овие снимки. Снимките од нелегалното прислушкување беа озаконети со Законот за СЈО, а овие докази се третираат како докази кои се прибавени на незаконит начин и како такви треба да бидат издвоени во постапката, рече Данаилова-Фрчкоска.

На новинарската забелешка дека постои пракса на Европскиот суд за човекови права и на домашните судови, како во случајот “Шпион”, незаконски прибавени докази да бидат прифаќани, таа одговори дека судот решава како ќе постапи во секој предмет поединечно. Таа, сепак, најави дека најверојатно ќе бараат издвојување на снимките.

Извор: 360 степени