Фотографии од второто лице кое вчера пукаше со пиштол при инцидентот на плоштадот „Скендербег“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Целосно во црна облека, со капче и очила за сонце е второто вооружено лице што стрелаше за време на тензиите што се случија кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје, пренесува Гласот на Америка.

Од кусата снимка и фотографиите се забележува дека во рацете држи пиштол, што прво го репетира, а потоа го вади и стрела во воздух. Набргу после тоа, лицето го напушта просторот.

Додека се случува пукањето, во близина се мал број на полицајци. Засилувањето од посебни полициски сили пристигна после некоја минута, откако лицето стрелаше од огненото оружје.

Од МВР излегоа со соопштение дека е уапсено лице со иницијали Е.Ј.

„Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух“, се вели во соопштението од МВР.

Во рамките на тензиите имаше и друго вооружено лице, кое исто така стрелаше од огнено оружје. Партиите, во нивните вонредни прес-конференции после настанот, излегоа со информации дека тој бил сопственик на хотел и брат на функционер од опозициската Алијанса.

Тензичната ситуација се случи додека повеќе илјади демонстранти, кои учествуваат на протестот против францускиот предлог за почеток на преговори со ЕУ, поминуваа покрај плоштадот „Скендербег“.

После интервенцијата на полицијата, ситуацијата се смири и демонстрантите продолжија кон Собранието.