ФБИ ја тресеше куќата од претседателот Бајден


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Федералното истражно биро (ФБИ) изврши претрес во куќата на американскиот претседател Џо Бајден во Делавер, кажа неговиот адвокат, а пренесуваат агенциите. Адвокатот на Бајден кажа дека претседателот не побарал налог за претресот, кој се врши за доверливи документи.

„Се согласивме на соработка“, кажа личниот адвокат на Бајден Боб Бауер. Тој кажа дека во претресот, официјално, не биле пронајдени никакви доверливи документи, што беше целта на самата истрага. Претходно беа пребарани домот на американскиот претседател во Вашингтон и канцеларијата која ја користел.

Минатата есен во приватната канцеларија на Бајден беа откриени доверливи документи, а јавноста тоа го дозна минатиот месец. Документите датираат од времето кога Бајден беше потпретседател во текот на двата претседателски мандати на Барак Обама. Главниот државен обвинител Мерик Гарланд побарал од државниот обвинител во Чикаго да го истражи случајот.

Адвокатите на Бајден тврдат дека доверливите материјали ги нашле во ноември при затворањето на канцеларијата на Бајден во Вашингтон. Бајден канцеларијата ја користел во рамки на својата соработка со Универзитетот Пенсилванија, каде бил почесен професор од 2017 до 2019 година.

Во канцеларијата се најдени помалку од десетина доверливи документи, потврдил извор за Си-ен-ен. Уште не е јасно на што се однесуваат документите и поради што се однесени во приватната канцеларија на Бајден. Со закон од федералните службеници се бара да ги вратат службените документи и доверливите записи кога ќе им престане државната служба.

„Белата куќа соработува со Националниот архив и министерството за правосудство околу откритието на документите на администрацијата Обама-Бајден, вклучувајќи мал број документи со ознака за тајност“, кажа Ричард Заубер, специјален советник на Бајден.

„Документите се откриени кога личните адвокати на претседателот ги пакувале документите за да се подготват за заминување од канцеларискиот простор во Пен Бајден центарот во Вашингтон. Претседателот повремено го користел овој простор од средината на 2017 до почетокот на кампањата во 2020. На денот на ова откритие, 2 ноември 2022, кабинетот на советникот на Белата куќа го извести Националниот архив. Архивот ги презема материјалите следното утро“, додаде Заубер.

Противзаконски е свесно да се преместуваат или задржат тајни документи, иако ни сегашниот или претходниот претседател и потпретседател не е обвинет за каков било престап. Тајни документи беа најдени и во домовите на поранешниот претседател Доналд Трамп и неговиот заменик Мајк Пенс.

Бајден кажа дека ќе соработува со истрагата, а Пенс кажа дека ја презема одговорноста за најдените документи. Трамп се спротивстави на враќањето на документите кои се кај него, поради што ФБИ минатата година ги претресе неговата куќа и имотот на Флорида.

Закон од 1978 година ги обврзува американските претседатели и потпретседатели сета документација, имејл пораки, писма и работни документи да му ги предадат на Националниот архив.