ДЗС денеска треба да ги објави резултатите од пописот на населението во 2021

Државниот завод за статистика денеска ќе ги објави податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година, кој што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година.

На настанот, како што е најавено, ќе се обратат директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, заменикот-директор Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц.

Настанот ќе биде поделен во два дела: во првиот дел ќе бидат доделени благодарници на институциите кои придонесоа за успешното спроведување на Попис 2021, а во вториот дел ќе бидат објавени податоците од Пописот.

Пописот 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.