Драми на изборот за претседател на Европскиот парламент


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Шест кандидати се натпреваруваат за претседател на Европскиот парламент. Ништо не е како што било досега.

За жал, салата за пленарни седници во Стразбур често е празна кога европарламентарците ги одржуваат своите рутински дебати. Но, денеска секој глас е важен. Со децении, одлуката за тоа кој ќе претседава со ЕП беше договарана зад затворени врати. И досега, двете најголеми парламентарни групи, конзервативците и социјалистите, секогаш се договараа за заеднички кандидат. Но, овој вторник, наследникот на германскиот социјалдемократ Мартин Шулц ќе биде избран со вистинско гласање. За функцијата претседател на Европскиот парламент се натпреваруваат шест кандидати, секој претставник на една од парламентарните групи. Само либералите немаат свој кандидат, затоа што Ги Ферхофстат се повлече од трка изутринава, пренесува Дојче Веле.

Дору Франтеску, истражувач во сферата на европски избори од организацијата VoteWatch Europe вели дека е тешко да се предвиди кој ќе биде победникот. Тој вели дека користел модел за пресметка во обид да открие кој од седумте кандидати има најголема веројатност за победа во четирите кругови на гласање,VoteWatch Europe се обложува на конзервативецот Антонио Тајани.

Сепак, постои чувство на неизвесност. За да победи, еден кандидат мора да ја обезбеди поддршката од другите парламентарни групи. Тоа значи дека коалиции мора да бидат направени и нечие его да биде утешено, можни интриги и предавства не се исклучуваат. Џани Питела, кандидатот на социјалистите, на ова гледа како на позитивен развој. Ова е голема работа, изјави Питела за ДВ. Гласањето без претходен договор е убава работа. На крајот, по четири рунди, кандидатот со најмногу гласови ќе победи, без разлика дали тоа е еден или десет гласа. Тоа е демократија!

Не е лесно по Шулц

Многу парламентарци беа изненадени од фактот што социјалистите и конзервативците се откажаа од нивната неформална голема коалиција. Тоа досега обезбедуваше непречен законодавен процес и соработка со другите легислативни тела. Европската комисија ги предлага законите, но тие мора да бидат одобрени од страна на Советот на министри, кој ги претставува националните влади на земјите членки на ЕУ и од страна на Европскиот парламент. Трите законодавни тела на ЕУ често се состануваа зад затворени врати со цел да изнајдат компромис, процес на преговори познат како тријалог. Се смета дека претседателот на Европскиот парламент во заминување, Мартин Шулц, е мајстор во овој процес, што во минатото овозможуваше европската легислатива да биде донесена брзо и ефикасно. Но, ваквиот процес на договарање е причина голем дел од помалите парламентарни групи и индивидуални претставници често да се чувствуваат навредени поради нивната неважност во истиот. Џани Питела во разговор со ДВ вети дека во иднина работите ќе бидат поинакви.

Германските претставници изјавија дека за секого ќе биде тешко да ги облече чевлите на Мартин Шулц. Шулц, кој сега се префрла во германската сојузна политика, успеа да го привлече вниманието кон Европскиот парламент, барем во Германија. Многумина мислат дека во тоа нема да успеат релативно анонимните италијански конзервативни и социјалистички кандидати.

Прекршени ветувања или лукава тактика?

Пред две и пол години, двете големи парламентарни групи и либералите се согласија дека Шулц, социјалдемократот, ќе биде наследен од човек од редовите на конзервативците. Но сега, ниту социјалистите ниту либералите не сакааат да имаат ништо со таквиот договор. Манфред Вебер, лидер на конзервативците, јавно го осуди ова предавство. Социјалистите се обидоа да го оправдаат избегнувањето на големата коалиција, потенцирајќи го фактот дека претседателите на двете други најважни институции во Европската унија, Европската комисија и Европскиот совето се конзервативци. Поради тоа, Удо Булман, германски социјалдемократ, смета дека социјалистите имаат право на позицијата на претседател на Европскиот парламент да застане кандидат од нивните редови.

Либералот се надмудри себеси

Кандидатот на либералите, Ги Ферхофстат, кој сметаше дека има подобри шанси за победа поради фактот што двете големи групи се поделени меѓу себе, изутринава ја повлече својата кандидатура. Либералите најавија своја поддршка за конзервативецот Тајани. Ферхофстат прво се обиде да ја добие поддршката на италијанските популисти од Движењето пет ѕвезди. Но, евроскептиците не припаѓаат на либералната група. Откако се повлекоа, Ферхофстат беше приморан да ја закопа алијансата со лидерот на Движењето пет ѕвезди, Бепе Грило. Неговата иднина може да биде неизвесна, имајќи ги предвид шпекулациите дека либералната група сака да го смени амбициозниот Белгиец од позицијата лидер на групата. Во меѓувреме, Движењето пет ѕвезди со покајание се врати во радикалната антиевропска група, која сѐ уште е предводена од Најџел Фараж од УКИП.

Претседателските избори и недостатокот од голема коалиција ќе го направи парламентот повеќе политички, покритичен и подемократски, изјави германскиот левичарски политичар Грегор Гизи, кој неодамна беше избран за лидер на европската левичарска група. Гизи, кој неодамна го посети Европскиот парламент и кој сѐ уште е надворешен набљудувач, со негодување признава дека десничарските анти-ЕУ популисти добиваат влијаније во Европарламентот. Наскоро е можно конзервативците да бидат зависни од поддршката на крајно десничарските фракции. Но и на социјалдемократите ќе им биде потешко да формираат мнозинство. Тие ќе зависат од поддршката на зелените, левицата и левичарските популисти и комунистите.

Простото мнозинство ќе одлучи

Кандидатите со најмалку шанси за избор денеска доаѓаат од групата на националконзервативците, деничарските популисти, зелените и левицата. И покрај тоа, еден кандидат е вреден да се спомене: Џин Ламберт, Британка и кандидат за претседател на Зелените. Таа се кандидира и покрај фактот што Велика Британија ја напушта Европската Унија. Ламберт вели дека нејзината кандидатура го сигнализира противењето на Зелените за Брегзит. Останатите европарламентарци велат дека нејзината кандидатура е апсурден театарски скеч.

Кандидатот кој ќе успее да обезбеди апсолутно мнозинство ќе биде мажот или жената што ќе ја добие претседателската позиција во Европарламентот. Во четвртата рунда на гласање простото мнозинство одлучува за исходот. Доколку исходот во четвртата рунда биде нерешен, процедуралните правила на ЕП налагаат постариот кандидат да ја добие позицијата. Нови кандидати можат да бидат номинирани во секоја рунда на гласање. Не сакам да исклучам ништо. Можеби ќе има кандидат кој ќе биде изненадување и за кој ќе биде постигнат конзенсуз, предвидува Габи Цимер, шеф на пратеничката група на Левицата.