Додека други сонуваат за BMW, соиграчите му го остварија сонот на нивниот голман


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Младинскиот фудбалски клуб „Младост“ од Забок одлучи да му ги разубави велигденските празници на својот 18-годишен голман Тихомир и му ја остварија големата желба подарувајќи му автомобил. Но, не некој луксузен модел на фамозна марка.

Младиот Тихомир долго време сонуваше да има Голф „двојка“, па неговите соиграчи, на чело со тренерот Дамир Сребачиќ и играчот денис Цељак, организираа тајно собирање донации за да го изненадат својот соиграч.

На Тихомир му кажаа дека на католичка Велика Сабота имаат натпревар, а додека тој се подготвуваше во соблекувалната, Голфот „двојка“ со машничка, кој го нарекоа „Црвената Кристина“, беше паркиран надвор. Кога Тихомир го здогледа подарокот, се фати за глава, а неговото воодушевување немаше крај.

„Не можам со зборови да го опишам ова чувство. Момците ми го остварија животниот сон. Едноставно не можев да си дојдам на себеси“, изјави Тихомир за загорските медиуми.

Типот, инаку, живее скромно, со својата мајка и сестрата, во Павловац, каде се доселиле од Златар. На 11 години почнал да брани за Златар, а на 12 кариерата ја продолжил во Младост. Две години семејството преживува од скромните примања на мајката. Неодамна и сестрата од Тихомир се вработила, а тој моментално е на пракса во еден ресторан и се надева дека после школото ќе најде работа таму.