Дневната евтина струја се враќа од 1. јули


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најави дека од 1 јули граѓаните најверојатно ќе имаат можност повторно да користат евтина дневна тарифа на електрична енергија.

Тој денеска во интервју за утринската програма на телевизија Телма рече дека се прават последните анализи за тоа дали може да се врати евтината дневна тарифа,

„Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од 1 јули. Цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика преку соодветни параметри“, рече Битиќи.

Враќањето на евтината дневна тарифа за електрична енергија не е единствената вест што ја најави Битиќи. Тој рече дека се прават анализи и можно е од 1 јули да се врати ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто.

„Кога пред една и пол година донесовме мерка за ублажување на состојбите со енергетската криза, една од мерките беше намалување на стапката на ДДВ на 10 отсто. Тогаш најавивме дека таа постепено ќе се враќа на 18 отсто затоа што не сакаме да нанесеме штета на приходната страна во буџетот. Сега се прават последните анализи дали ќе остане на 10 отсто или ќе се врати на 18 отсто, без притоа товарот да падне целосно кај граѓаните“, рече Битиќи.

Тендерот на почетокот на јуни го објавува „ЕВН хоум“, а ЕСМ доаѓа со предлог каква цена ќе понуди. На крајот на јуни, рече Битиќи, Регулаторната комисија за енергетика ќе може да ги дефинира новите цени за тарифите од 1 јули.

Во овој момент, според Битиќи, не може да има конкретен одговор каква ќе биде цената на струјата од 1 јули.

„Има уште месец и половина до тогаш, а тоа време значи многу во овој сегмент затоа што ние не зависиме само од домашното производство на електрична енергија. Зависиме од цените кои се движат на берзата. Тоа е процес, но мислам дека како што беше последната година и половина ќе биде исто, а одлуките ќе бидат донесени во полза на граѓаните за тие најмалку да ја почувствуваат кризата“, рече Битиќи.

Потпретседателот Битиќи истакна и дека по првпат во независноста сериозно се работи на Национална стратегија за развој која треба да го трасира патот по кој државата треба да се развива.