ДИК уште нема конечни резултати за изборите – страницата уште не им функционира, рачно ги проверуваат записниците


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) од синоќа не функционира и уште не е вратена во функција. Конечни резултати од предвремените парламентарни избори сѐ уште немаме. Последните нецелосни податоци од ДИК беа објавени околу 3 часот по полноќ. Политичките партии имаат своја пресметка за пројот на пратеничките мандати, но сите чекаат на ДИК.

Вчера претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека системот им паднал како резултат на надворешен напад. И навистина вчера се одвивал огромен хакерски напад каков што одамна не е забележан во светот.

Од ДИК признаваат дека сето ова предизвика вистински хаос и дека сега се прегледуваат сите записници, а можно е конечните резултати да бидат објавени попладнево.

„Се врши прием на материјалите од општинските изборни комисии и рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати. Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија. Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето“, соопштија од ДИК.

Според симулација на ДИК која беше објавена во раните утрински часови, распоредот на силите во новиот парламент би бил: СДСМ – 46 пратеника; ВМРО-ДПМНЕ – 44; ДУИ – 15; Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12; Левица – 2 и ДПА – 1 пратеник.

Но, партиските штабови известуваа за поинакви резултати.

Зоран Заев, лидерот на СДСМ рано утрово изјави дека освоиле 49 мандати и дека разликата со ВМРО-ДПМНЕ е најмалку три пратеници. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, кажа дека освоиле 12 мандати, а симулацијата на ДИК покажа 15 пратеници.

Проверката на резултатите на некои избрачки места покажува сериозни недоследности во конечните бројки. Па така има примери, како на пример во Ново Село, Струмичко, ДУИ да освоила повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно.