Џон Меленкамп (75) стравува дека наскоро целосно ќе го изгуби слухот. За проблемите зборуваше во епизодата на подкастот „Nepo, Baby“, објавена во четвртокот, на 29 октомври.
„Веројатно ќе бидам целосно глув до крајот на турнејата“, рече музичарот, додавајќи дека користи чепчиња за уши.
Во разговорот се присети и на советот што му го дала баба му: „Џон, никогаш немој да земаш слушни апаратчиња, затоа што штом ќе почнеш да ги користиш, нема да можеш без нив“. Таа му велела: „Ако мислиш дека е мака постојано да ги бараш очилата, почекај да почнеш да ги бараш и очилата и слушните апаратчиња“.
Во подкастот, во кој гостуваше и неговиот син Хад Меленкамп, основач на „Mellencamp Whiskey“, Џон откри дека има пулсирачки тинитус.
Според Клиниката Кливленд, оваа состојба предизвикува чувство на тупкање или шум во главата, кое го следи ритамот на срцевите отчукувања.
„Не сакам да одам во ресторани затоа што не слушам. Во моментов ушите ми ѕвонат неверојатно силно, а имам и пулсирачки тинитус, што значи дека го слушам сопственото срце“, објасни Џон. „Кога ќе влеземе во ресторан, си велам: ‘Е, толку од мене’. Не можам ништо да слушнам од сета таа врева, а сигурен сум дека луѓето не сакаат постојано да ми викаат в лице. Кога на сето тоа ќе се додаде и тинитусот, станува невозможно“.
Меленкамп, кој и натаму поминува време во Индијана, би сакал повеќе членови на семејството да живеат поблиску до него.
Во јануарско гостување во емисијата Today, тој изрази желба неговата ќерка Теди Меленкамп да размисли за заминување од Калифорнија.
Извор: US Weekly