Деветгодишно момче во Тексас се здобило со тешки повреди и е во критична состојба откако паднало од џип во движење, управуван од неговиот чичко, кој бил под дејство на алкохол. Оскар Переира Бустил бил уапсен во неделата, на 22 ноември, и по вторпат е обвинет за возење во алкохолизирана состојба.
Според „Хјустон кроникл“, полицијата разговарала со другите патници, кои кажале дека покрај Бустил и деветгодишното момче, во возилото имало уште две деца и тројца возрасни.
Една од патничките изјавила дека претходно вечерта биле на семејна прослава за 15-ти роденден, позната како кинсеањера, објави КТРК. Таа им кажала на надлежните дека, според нејзина процена, Бустил испил околу четири алкохолни пијалаци на прославата.
Истата сведока објаснила дека првично таа возела, но Бустил го презел воланот бидејќи ѝ се слошило.
Додека се враќале дома од прославата, момчето наводно ја отворило задната патничка врата и испаднало од возилото. При ударот во коловозот се здобило со повреди на нозете, грбот и главата.
Полицајците на местото на настанот разговарале и со Бустил, кој наводно одбил да даде крв за анализа. Крв сепак му била земена откако полицијата обезбедила судски налог.
Во текот на истрагата, еден сведок тврдел дека меѓу возрасните дошло до пресметка. Од полицијата соопштиле дека детето можеби ја отворило вратата затоа што се чувствувало небезбедно поради судирот меѓу нив.
„Според извештаите што ги имам, веројатно и јас би бил исплашен во тоа возило“, изјавил наредникот Томас Фендија за „Хјустон кроникл“. „Изгледа дека меѓу возрасните имало многу насилна пресметка, па можно е тоа да била причината.“
По апсењето, Бустил бил спроведен во затворот во округот Харис. Првпат се појавил пред суд во вторникот, на 24 ноември, а потоа бил пуштен на слобода со кауција од 30.000 долари.
Засега не е познато дали Бустил се изјаснил за вината и дали ангажирал адвокат. Полициската управа во Хјустон не одговорила веднаш на барањето на „Ју-ес викли“ за нови информации за случајот.
Извор: US Weekly