Денеска на пладне премиерот Ковачевски закажа лидерска средба – Левица најави дека нема да оди


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


За денеска во 12 часот претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски ги повика челниците на парламентарните партии во Собранието на лидерска средба. Во поканата на Ковачевски пишува дека на средбата ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека ќе оди на средбата и „ќе кажам гласно дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност дека е во предвремени избори. Тој додаде дека во однос на промените на Уставот, тоа прашање е затворена тема за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рече, уставни измени „нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија“.

„Без јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае“, рече Мицкоски.

Алијанса за Албанците исто така најавија дека ја прифаќаат поканата на Ковачевски, но дека ќе бараат официјалнизирање на албанскиот јазик.

Од Беса велат дека денеска, еден час пред закажаната средба, лидерот Касами ќе одржи прес конференција на која ќе го соопшти ставот.

Левица е единствената парламентарна партија која одби на присуствува на средбата затоа што „за оваа тема, уставни измени партијата нема за што да разговара“.

Премиерот Ковачевски во саботата изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми во изјава за МИА нагласи дека претставници на партијата ќе присуствуваат на лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски.

„Со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, сметам дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии, а особено уште повеќе кога имаме предвид дека за европската агенда, уставните измени за кои се потребни двотретинско на пратеници импонира неопходно седнување на една маса, соработка и заедничко одлучување на парламентарните политички партии“, рече Адеми.

Од Алтернативата велат дека немаат никаква дилема дали треба да дадат поддршка на предлогот за бришење на формулацијата „20 проценти“ за употребата на албанскиот јазик и затоа нема потреба од некоја посебна средба.

„Неалбанските партии се веќе подготвени за ова прашање и ова веќе не е тема која наметнува некаква посебна средба на албанските политички партии. Доколку има други околности и други теми, таквите покани ќе бидат разгледани“, велат од партијата во однос на иницијативата на Беса за средба на партиите на Албанците од земјава.

Идејата за одржување на средба на партиите на Албанците на која би се разговарало за измени на Амандманот 5 со кој би се сменила формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, ја најави потпретседателот на Движењето Беса, Арјанит Хоџа на прес-конференција на 2 ноември. Тој информира дека Беса ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба.

Според избраните пратеници, бројот на лидерите на парламентарни партии е 20: Димитар Ковачевски – СДСМ, Али Ахмети – ДУИ, Горан Мисовски – НСДП, Маја Морачанин – ДОМ, Африм Гаши – Алтернатива, Христијан Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Таравари – АА, Билал Касами, Беса, Мендух Тачи – ДПА, Партина на пензионери – Илија Николовски, Миро Јовановиќ – ССМ, Ивам Стоилковиќ – ДПС, Љупчо Димовски – СП, Стевчо Јакимовски – ГРОМ, Димитар Апасиев – Левица, Љубчо Георгиевски – ВМРО-НП, Моника Зајкова – ЛДП, Павле Трајанов – ДС, Бејџан Илјас – ДПТ и Енес Ибрахим – ПДТ.